Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го потврди новиот договор со селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски.

Раководството на ФФМ и селекторот Игор Ангеловски ги усогласија ставовите околу новиот договор и досегашниот предводник ќе биде на селекторското место на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство 2020. кое ќе се одигра во јуни оваа година.

– Како што ветивме пред јавноста за нашиот прв избор за селектор, денеска потврдуваме дека го продолжуваме патот кон успехот. Со Игор лесно се договоривме за сите детали околу продолжување на соработката бидејќи и кај него и кај нас владееше позитивно расположение успехот што го направивме да го продолжиме заедно. Ние сме професионалци и знаеме дека добрите резултати даваат поголема шанса за задржување на некоја позиција. Горди сме на сѐ што направивме како репрезентација и федерацијата ќе продолжи да обезбедува најдобри услови за работа, како што впрочем беше и досега.

Селекторот со својот стручен штаб во одлична атмосфера сега треба да се подготвуваат за квалификациите за Светското првенство и Европскиот шампионат. Сите ние посакуваме да нѐ поведат кон нови успеси. Верувам дека Македонија ќе го покаже вистинското лице и праќам апел до целата нација и сите навивачи да бидеме сложни и да покажеме единство.

Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Пласманот на Европското првенство е сон за секое дете, а фудбалерите сега имаат исклучителен мотив за нови победи. Сега треба да помогнеме сите, на било кој начин, а потоа ќе зборуваме за нашиот пласман на ЕУРО 2020 и колку тоа значи за иднината на македонскиот фудбал – изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

– Благодарност до претседателот на федерацијата и Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа.

Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и јавноста за поддршката.

Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава – изјави селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски.

ИНТЕРВЈУ Игор Ангеловски: Сакам да ја водам Македонија на ЕП