Работнички го именуваше Александар Влахо за нов шеф на стручниот штаб. Раководството на клубот одлучи да му даде нова шанса на Влахо да застане на кормилото на тимот и да го води во пролетниот дел од првенството.
– Влахо е млад, квалитетен и мошне амбициозен тренер кој заслужува да добие нова шанса на клупата на Работнички. Раководството на клубот има максимална доверба во неговиот капацитет, тој и во претходниот престој покажа дека е голем работник и потполно се вклопува во стратегијата на клубот за форсирање млади и талентирани фудбалери. Тој многу добро ја знае атмосферата во Работнички и му посакуваме многу успех на кормилото на тимот – вели претседателот на клубот, Драган Поповски.
Ги водеше „романтичарите“ на почетокот од сезоната 2019/20, претходно има големо искуство како дел од стручниот штаб на Вардар во најплодниот резултатски период, како и интернационално искуство од Динамо Загреб, Рига и од Широки Бријег.
– Сакам да искажам благодарност до раководството на Работнички за новата соработка, за мене е голема чест да го предводам тимот, но секако и голема обврска. Можам да ветам напорна работа, со надеж за добри резултати во пролетниот дел од сезоната кои ќе го одведат тимот кон горниот дел од табелата во Првата лига – истакнува новиот шеф на стручниот штаб, Александар Влахо.
Скопскиот клуб ќе ги стартува зимските подготовки на 8 јануари, со почеток во 12.00 часот во клупската база, а потоа е планирано заминување на подготовки во Охрид.
Истовремено, се работи и на доведување на неколку засилувања. По есенскиот дел од шампионатот, тимот се наоѓа на седмата позиција на табелата во Првата лига со 24 освоени бода.