Синоќа на полноќ заврши рокот за пријавување на кандидати за градоначалници и советнички листи. Најмногу кандидати има за главниот град, дури 12 се пријавени. Актуелниот градоначалник Петре Шилегов повторно е кандидат на СДСМ, а според коалиционите договори, се очекува да ја добие поддршката од гласачите на партиите од албанскиот блок, односно ДУИ, БЕСА и ДПА. Даниела Арсовска е пријавена како независен кандидат, но сепак зад неа ќе застанат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, со кои веќе имаше јавни настапи.
Од лево кон десно: Петре Шилегов, Даниела Арсовска, Петар Георгиевски-Камиказа, Ана Петровска
ДОМ и ЛДП кандидираа заедничко име, тоа е пејачот Бени Шаќири, кој што во минатото постојано како музички уметник настапуваше на митинзите на СДСМ и кој важеше за подржувач на оваа партија. Коалицијата на неколку невладини организации односно активисти под името „Зелен хуман град“ ја кандидираше Ана Петровска која што беше в.д директорка на Државниот инспекторат за животна средина, а потоа на барање на партијата ДОМ беше разрешена на владина седница. За прв пат во историјата на независна Македонија, свој кандидат ќе има и една бошњачка партија. Имено, Демократскиот бошњачки сојуз го кандидираше за прв човек на Град Скопје претседателот на партијата Мунир Колашинац.
Од лево кон десно: Бени Шаќири, Мунир Колашинац и Александар Тортевски
Со поддршка од Левица, но како независен ќе се трка Петар Георгиевски Камиказа, а партијата „Твоја“ ќе настапи со Александар Тортевски. Како независен се кандидираше и Љубомир Јосифовски, поранешен пратеник од редовите на НСДП.
Свои кандидати ќе имаат и партиите ТМРО, Демократи, Интегра, Родина и Титови леви сили.
Државната изборна комисија го затвори списокот за кандидати за градоначалници, ден по истекот на рокот до кога можеа да се пријават за локалните избори во октомври. Впишани се вкупно 297 кандидати за градоначалници на 80 општини и Град Скопје.