Производството на електрична енергија во Северна Македонија останува силно зависно од јаглен и природен гас, со зголемена увозна зависност, што ја прави земјата особено ранлива на глобални ценовни шокови, ова се вели во извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), насловен: „Цени и субвенции за енергија на Западен Балкан“. Сепак, во извештајот се наведува дека земјата е прва во регионот, која го усвои Националниот енергетски и климатски план (НЕКП).

„Северна Македонија може да ја искористи својата водечка позиција со спроведување на реформи кои ќе привлечат нови инвестиции, ќе поттикнат ефикасност и ќе обезбедат правична транзиција за сите граѓани,“ се наведува во документот.

За земјава, ОЕЦД предлага пет приоритетни чекори:

  1. „Зајакнување на стратешката и регулаторната рамка за привлекување на нови инвестиции, особено во обновливи извори на енергија.“
  2. „Постепено усогласување на цените на електричната енергија со пазарните нивоа за да се стимулира ефикасноста и конкуренцијата.“
  3. „Поддршка за домаќинствата во енергетска сиромаштија преку прецизни и таргетирани програми, наместо универзални субвенции.“
  4. „Поттикнување на обновливите извори и активно вклучување на граѓаните во транзицијата, вклучително и преку децентрализирано производство на енергија.“
  5. „Развивање на квалификувана работна сила за нискојаглеродна економија преку обуки и преквалификации.“

„Правичната енергетска транзиција ќе зависи од способноста на владата да ја комбинира либерализацијата на цените со ефективна социјална заштита и поддршка за најранливите групи,“ заклучува извештајот.