Советот на Народната банка, на својата редовна седница, го усвои Извештајот за ризиците за банкарскиот сектор за вториот квартал од 2025 година.

Во услови на забрзан раст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја задржа стабилноста, солвентноста се подобри, а стапката на адекватност на капиталот достигна 19,6%, што е највисокото ниво од 2006 година. Ликвидноста на банкарскиот систем се задржа на задоволително ниво, а ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. И квалитетот на кредитното портфолио се подобри во овој квартал, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,4%, известуваат од Народната банка.

Во услови на олеснети кредитни стандарди и зголемена кредитна побарувачка, зајакнатата солвентност го поддржа побрзиот раст на кредитирањето на домаќинствата и на претпријатијата, којшто на квартална основа изнесува 3,1% и 4,3%, соодветно. И депозитите растеа побрзо во вториот квартал од годината, при што и натаму има поволни движења според валутата и рочноста на депозитите.

Народната банка и во иднина ќе биде внимателна во водењето на монетарната и макропрудентната политика, во време кога сè уште има изразена надворешна и домашна неизвесност. Се нагласува потребата од претпазливост и постојано следење на ризиците заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во наредниот период.

Советот на Народната банка ја усвои Рамката за одржливост со што се поставува основата за систематско воведување одржливи практики во секојдневното работење. Рамката за одржливост има за цел да придонесе кон поголема енергетска ефикасност, одговорно користење на ресурсите, поттикнување зелени финансии и намалување на јаглеродниот отпечаток, како и кон подигање на свеста и зајакнување на капацитетите на вработените во областа на одржливото работење. Со нејзиното усвојување, Народната банка ќе продолжи со активностите насочени кон унапредување на еколошките практики, финансиската писменост и одговорното делување, заради долгорочна економска стабилност и општествена благосостојба, се додава во соопштението на Народната банка.