Во Скопје денеска се одржа конференцијата насловена „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“ под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, на која присуствуваа Амбасадорот Дејвид Гир, како и претставници од повеќе министерства.

Во рамки на првата панел-дискусија се обратија министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, министерот за здравство, Фатмир Меџити, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Министерката Тренчевска истакна дека Министерството за труд и социјална политика има сериозен пристап кон овозможување на поголемо општествено-економско интегрирање на Ромите.

-Во 2022 година со активните мерки за вработување од Оперативниот план за активни програми биле опфатени вкупно 481 Роми од кои 157 се вработени преку мерките кои водат до директно вработување како што се Субвенционирање на плати, Самовработување со доделување на грант и вработување и раст на правни субјекти, додека традиционално низ годините може да се констатира дека најголем број од Ромите се вклучени во мерките за работно ангажирање како што се: Јавни работи и Општинско корисна работа и во 2022 година во овие две мерки биле вклучени вкупно 185 Роми, рече Тренчевска во делот на мерките за поголемо вклучување на Ромите на пазарот на трудот.

Министерот за здравство Меџити истакна дека продолжување на животниот век на Ромите преку обезбедување на квалитетно здравство е главна стратешка цел на Министерството.

– Во рамки на оперативните политики за унапредување на здравствените заштитпродолжувањето на животниот век кај Ромите е главна стратешка цел при што и стратегијата за инклузија на ромите 2022-2023 се очекува подобар пристап до интегрирани и квалитетни здравствени услуги, намалени ризици и превенција на болести поврзани со стапката на морталитет на ромската заедница и спречување на дискриминација во делот со пристап на здравствен и услуги, посочи министерот.

Во однос на образовниот систем од страна на министерот Шаќири беше истакнато дека МОН дека преку континуирани заложби се подобрува вклучувањето на Ромите во образовниот процес и се намалува напуштањето на воспитно образовниот процес.

Костадиновска-Стојчевска истакна дека Министерството за култура е силен и искрен поддржувач за реализација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030, која, на конференцијата, ја презентираа претставници на Институтот за истражување и анализи „Ромалитико“.

– Ќе повторам, она што ѝ го должиме на ромската култура, е нејзино институционално зачувување, нејзин развој и промоција. Тоа го правиме и убедена сум дека ќе биде направено и порано од рокот што си го зададовме – нагласи министерката за култура. Таа додаде дека за оваа година, преку Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата, Министерството за култура поддржа голем број проекти на ромски автори, манифестации и фестивали во издавачката, фолклорната, драмската и во меѓународната дејност.

Воведно обраќање имаа претседателот Стево Пендаровски и шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

-Ромската заедница и во историска и во актуелна перспектива е нераскинлив дел од нашиот мултикултурен мозаик. За жал, кога говориме за Ромите во последниве три децении, ние дискутираме за базичните проблеми на луѓето, проблем со пристапот до вода, до електрична енергија, соодветна инфраструктура, квалитетно образование и здравствени услуги, висока невработеност и за ограничен пристап до правдата, рече Пендаровски.

Загрижувачката состојба во која со децении се наоѓа поголемиот процент од ромската заедница, посочи Пендаровски, укажа на потребата од усвојување и спроведување на таргетирани политики со цел надминување на таквиот статус.

Гир, пак, порача дека вклучувањето на Ромите во целокупното општество е важен индикатор за подготвеноста на државата за влез во европското семејство.

-Вклучувањето на Ромите во целокупното општество е навистина важен индикатор за тоа колку ние како Европска Унија и Северна Македонија како земја, која преговара за влез во ЕУ, сме успешни во обединувањето на различностите. Да покажеме дека сите сме на вистинскиот пат, Унијата ве поддржува на овој пат и соработува со властите, со самата ромска заедница и со општеството и пошироко, порача евроамбасадорот Гир.

Исто така, на настанот се одржа и панел дискусија „„Како институционалната поставеност во државата одговара на текот и следните чекори на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030“ на која се обратија претставници на институции и невладини организации и претставници од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.