Одлуката на седумте членови на Судскиот совет кои на 26 април гласаа за разрешување на претседателката Весна Дамева, не е испратена за објавување во Службен весник. Од оваа институција кусо ни одговорија дека кај нив нема такво известување, јавува Алсат.

Алсат дознава дека за ваквото правно постапување Советот ги нема извршено ни потребните плаќања кои водат до објавување на одлуката. Службен весник нема право да ја испитува законитоста на одлуката во рамките на своите законски овластувања, односно да оценува дали таа со 7 гласа „за“ има правна сила и може да се постапува по неа или не.

Закон за Службен весник, член 5 став 6:

„За објавувањето на актите се грижи органот, поточно институцијата што го донела решението“

Во меѓувреме, Јавното обвинителство Скопје го чека објавувањето на решението во Службен весник, за потоа да пристапи кон оценка дали има кривично дело во постапката за разрешување на Дамева или не. Претходно од Обвинителството соопштија дека во моментов нема укажувања за сомнение за „злоупотреба на службена должност“ и „продолжено кривично дело“.

Законот за судски совет го санкционира начинот на избор на првиот човек на ова тело со 8 гласа „за“. Одредби за разрешување не постојат, но одредбите од Законот за судови се применуваат како во ситуации на разрешување на судии или претседатели на судови. Тоа значи дека на разрешувањето мора да му претходи утврдување на одговорност на членот или во случајов на претседател од страна на соодветна дисциплинска комисија.

Експертите оценија дека во конкретниов случај треба да интервенира и Собранието како тело кое учествува во составувањето на Советот, каде што се избираат и делегираат тројца членови. Во меѓувреме, експерти по кривични предмети оценија дека Јавното обвинителство треба да постапи по фактичката состојба. Обидот за разрешување на Дамева го изведе потпретседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, кој и покрај тоа што немаше право на глас како предлагач, беше седмиот глас за разрешување на Дамева. Тој ја водеше седницата во присуство на Дамева и покрај тоа што во законот стои дека потпретседателот ја води седницата само во случаи кога претседателот е отсутен.