Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, денеска донесе одлука за издвојување средства за законски востановената „Детска недела”, којашто се реализира со цел развивање на општествената активност за афирмација на заштитата на децата, соопшти владината прес-служба.

За време на траењето на „Детска недела”, од 2 до 9 октомври 2023 година, предвидено е да се издвојуваат: од секој продаден влезен билет за театар, кино, уметничка изложба и други културни манифестации – 5,00 денари; од секоја поштенска пратка во внатрешниот сообраќај, освен на печатени работи 2,00 денара; од секој влезен билет на спортски натпревари и други спортски приредби – 5,00 денари; од секој продаден возен билет во железничкиот и автомобилскиот, меѓународниот, меѓуградскиот сообраќај – 5,00 денари; од секој продаден возен билет во авионскиот сообраќај – 50,00 денари; од секој продаден облик на електронски музички и видеозапис, видео касета и друго – 5,00 денари. Од плаќањето се исклучени изложбите, приредбите и другите културни манифестации организирани од страна на ученици и студенти во јавни установи.

Во време на траењето на манифестациите посветени на децата се организираат културни, забавни, образовни, спортско-рекреативни, активности од областа  на екологијата и други активности посветени на децата, наведуваат од Владата.