Се уште е неизвесно дали ќе почне за денеска најавениот Попис на населението, домаќинствата и становите 2021 година или, пак, во последен момент Собранието ќе донесе одлука за негово одложување за септември како што беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Од Државниот завод за статистика кој е надлежен за спроведување на пописот велат дека немаат коментар дали треба да се одржи или одложи пописот се додека не се заврши постапката во Собранието. Министерот за правда, пак, Бојан Маричиќ вели дека пописот, според постојниот Закон, треба да почне денеска и доколку попишувачите излезат на терен и соберат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.
-Тоа е прашање за Државниот завод за статистика и доколку го следат словото на Законот треба да се почнат определени активности. Какви активности и да се преземат, тоа ќе биде нивна проценка од практичен аспект, но кои активности и да бидат преземени тие ќе имаат важност за целиот процес, така што доколку почнат со попишувачки активности тоа ќе значи дека тие податоци ќе важат исто како што важат тие за дијаспората досега, рече вчера Маричиќ.
Нам, додаде, ни е целта суштински да го направиме пописот.
-Жалиме што не успеавме вчера вечер да се донесе законот, но јас верувам дека ова одлагање од неколку дена нема да пречи на целиот процес, бидејќи сите партии во Собранието се согласни, со исклучок на Алијанса на Албанците и Алтернатива, истакна Маричиќ.
Доколку денеска законот се најде на дневен ред, според него, може да биде донесен во најскор можен рок, бидејќи е предложен во скратена постапка и со европско знаменце што значи дека повеќе од два или три дена не може да трае постапката за негово усвојување.