Научниците тврдат дека откриле идеален кандидат кој не само што би бил одлична почетна земјоделска култура, туку ќе може да се користи и како ѓубриво.
Атмосферските услови на Црвената планета се навистина сурови, а исклучок не е ниту копното на неа. Почвата не само што е слаба и без органска материја и корисни микроорганизми, туку е и многу заситена со соли и минерали непогодни за повеќето растенија на Земјата. Ново научно истражување, сепак, сугерира решение – луцерка, Medicago sativa.
Способна не само да преживеат, туку и да се развива во вулканска почва со сличен состав на онаа што го покрива Марс, научниците веруваат дека таа може да претставува исклучително добра основа како почетна култура, пренесува National geographic.
Со текот на времето, луцерката би ја подобрила почвата на плантажите каде што се одгледува, а нејзините остатоци освен за храна би можеле да се користат и за ѓубрење и дополнително збогатување на почвата каде подоцна би можелo да се одгледуваат репа, ротквици и зелена салата.
„Поради ниската содржина на хранливи материи во почвата на Марс и високата соленост на водата, културите не би можеле да се одгледуваат. Затоа, од суштинско значење е да се зголемат хранливите материи во почвата и да се намали соленоста на долг рок“, се наведува во новата студија објавена во списанието Plos One.
Од луцерка до салата
Претходните истражувања покажаа дека дури и оние екстремно издржливи растителни култури од Земјата не можат успешно да се одгледуваат без да се донесат и додадат ѓубрива во почвата во која би растеле. Тука стапува на сцена луцерката. Експертите утврдиле дека тоа растение може да расте во марсовскиот реголит без додавање ѓубрива.
Уште поважно, тестирано е и како би се однесувал симулираниот реголит од Марс доколку се оплоди со луцерка. Во него успешно се развиле репа, ротквици и зелена салата – три растенија кои бараат многу малку одржување. Брзо растат и не им треба многу вода.
Има само еден услов – потребна е свежа вода. Врз основа на понатамошни експерименти, научниот тим смета дека солената вода од Марс може да се третира со бактерии, а потоа да се филтрира низ вулканската карпа за да се добие свежата вода потребна за одгледување.
„За прв пат е дизајнирана интегрирана употреба на биоѓубрива и микроорганизми за обработка на базалтниот реголит и солената вода за да се создадат ресурси за одржливо одгледување растенија“, велат истражувачите.
Одгледувањето луцерка на Марс и нејзиното користење за збогатување на почвата би решило многу од логистичките проблеми за транспорт на огромни количини ѓубрива и храна милиони километри до Марс.