Одбраната на тројца обвинети во случајот ,,Меѓународен сојуз”, меѓу кои и Бојан Јовановски, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје, истакна дека нема да пристапи кон сослушување на предложените сведоци, односно изведување на вербални докази, сѐ додека не биде овозможено изведување на материјалните докази содржани во телефонот на првообвинетиот Јовановски.
– Сѐ додека материјалните докази во конкретниот случај, единствено содржината од „ватсап” комуникацијата од одземениот телефон на обвинетиот Бојан Јовановски, не биде екстрахирана во законски предвидена форма, и изведена како доказ во оваа постапка, ние како одбрана нема да пристапиме кон давање на исказ на обвинетите како доказно средство кое што го предвидува Законот за кривична постапка, посочи адвокатот Сашо Дуковски.
Тој побара од судот ова барање да не се третира како бранење со молчење.
– Го молам судот без измени и дополнувања, вака како е наведено, да постапува по ова што јас сега го кажав, и би замолил, истото да не се третира како некакво си бранење со молчење или некаква друга правна формулација, затоа и ќе повторам и со тоа завршувам, дека, сѐ додека не се изведат материјалните докази, посочив кои, давањето на одбрана е безпредметно и во ништо нема да помогне за утврдување на фактичката состојба, кажа Дуковски.
Првообвинетиот Јовановски од судот побара да му биде вратен телефонот за кој рече дека ќе му бидат доволни од три до седум дена да бидат екстрахирани податоците, дотолку повеќе што предложените и прифатени сведоци од страна на судот има право како првообвинет да ги презентира пред судот.
– Укажувам и потенцирам на судот дека јас како првообвинет во оваа постапка, не се откажувам од правото на давање на своја одбрана и исказ, апелирам и го замолувам судот да ми овозможи, согласно законските предвидени процедури според ЗКП во смисла на водењето на главната расправа, остварување на секоја предвидена и одобрена фаза од страна на судот во однос на доказната постапка, рече Јовановски.