Наместо за убиство да им се суди за тепачка со смртни последици бара одбраната на обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Тој почина во април годинава откако беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

На денешното рочиште, одбраната рече дека ќе докажуваат оти немало умисла за убиство.
Обвинителството, пак, вели дека имаат две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, односно кој од обвинетите што направил.

На денешното рочиште присуствуваше и таткото на ракометарот, Игор Тот кој во Скопје допатува од Хрватска. Сите тројца обвинети му изразија сочувство за загубата, велејки дека не сакале тоа да се случи.

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар на изминатото, прво рочиште пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

„По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ.
Следното рочиште продолжува на 26 септември