Facebook статус на Никица Корубин
Грчката јавност, онаа на нашиот прв сосед и стратешки партнер, мудро и во врвен политички манир, веднаш го профилираа најважниот човек во американската администрација, после претседателот: државниот секретар. И особено ставија акцент на неговата експертиза и познавања, регионот на Источниот Медитеран. Каде што географски, регионално, историски и цивилизациски припаѓа и Северна Македонија.
Факт, добро познат, на секој кој има основни или длабински познавања на историјата, историјата на уметноста и археологијата. Или преведено жаргонски, со речникот на масовниот популизам, тој факт едноставно го нарекуваме: идентитет. И, ако идентитетот ни е во регионот на Источниот Медитеран, зошто погледот ни е кон централниот Балкан, па се до средна Европа?
Се разбира дека одговорот на ова реторичко и фактичко прашање, треба да дојде во форма на базична дефиниција за “идентитетот”, етничко македонскиот, но и националниот на Северна Македонија кој суштински нема разлика во однос на културолошката припадност кон источниот Медитеран. Што по автоматизам темата за идентитетот ја вади од пост и про југословенската приказна и ја става во реален историски контекст и континуитет.
А, приказната за СФРЈ, ја прави епизода во нашата историја, а не извор и суштина. Со природната припадност кон регионот на источниот Медитеран, доаѓа и природната блискост со соседите од тој регион: Грција, Бугарија, Албанија. И ја заокружува темата за заедничка и споделена историја, базирана на факти, но и на обичаи и секојдневен живот, на логичен и предвидлив начин.
Но, зошто тогаш ова изместување од природната припадност на државата, која го повлекува и општеството и граѓаните? Особено, во име на “одбрана на идентитетот”, кој секако не е и никогаш не бил во регионот на централен или западен Балкан?
Политичкото означување на нас и преостанатите пет држави, од поширокиот регион на Балканскиот полуостров, како земји од “Западен Балкан” е административен речник на ЕУ, за интегрирање на целиот регион и заокружување на политиката и културата на европско тло, која својот зачеток, го има токму од регионот на источниот Медитеран, чиј составен дел сме многу подолго од фиктивната југоносталгија, со хегемонистички шмек. И бираме да бидеме “историски инцидент” наместо “историски континуитет”. Ова технички може да се квалификува како апологија (одбрана), ама сигурно не на идентитетот.
Оддалечувајќи се политички, суштински, култоролошки, од земјите од Источниот Медитеран, нам најблиски, Грција, Бугарија и Албанија, ние всушност се оддалечуваме од сопствениот идентитет, кој како историја и културно наследство, е основата и за нашата државност, како стекната и изборена, а не подарена категорија.
И таа (само)свест и (само)почит, со рестрикција и монопол врз знаењето и информацијата е изложена на константен напад. Негувањето на сомнежот “кој сме” треба да го диктира и заклучокот “кој треба да бидеме”. Но, која пракса треба да ја оживее теоријата на антагонизмите? Дали поголемото антиалбанство или антибугарското треба македонскиот идентитет да го направи “поголем” или “контролиран”? А, кој ја има контролата, тој во теоријата ја има и “вистината”.
А, во праксата, и покрај северните “борејски ветришта”, природната комуникација “не’ влече” незапирливо кон Солун, срамежливо кон Банско, Боровец и Сандански, медитеранскиот брег на Албанија. Не можете да ја видите импозантноста на Галичица, ако не и пристапите од регионот на Корча во Албанија, од каде води најкраткиот и најдобриот пат од Охрид и Струга до Костур (Касториа).
А, потоа каде и да посакате нема да зажалите, античка Македонија, Епир, Тракија, старата Хелада. Историја, култура, цивилизација, обичаи, религија, природа: сите патишта водат кон (источниот) Медитеран. Само нашиот, треба да води во спротивниот правец. Анти-историски и анти-цивилизациски чин.
Последната зона на “одбрана” на тој свет, кој историски период и да бил во прашање, од државите на хеленскиот свет, преку почетоците на римското републиканство, Византија, Османлиското царство, “главнината” на Балканот и сопствената “одбрана” ја темелеле на поширокиот регион на историска Македонија (но и Тракија, Епир, Дарданија). И од темел и суштинска припадност, кон врвни цивилизации низ историјата, од кои произлегле и етничките идентитети; не може да бидеме ништо друго, освен составен дел на славниот регион на Источниот Медитеран.
На крајниот “север” на нашиот регион на источниот Медитеран, но никогаш “посеверно”. Хипербореја е сепак мит, како и некои други, тазе митови. Да и се вратиме на нашата Северна Македонија, и нејзината реална, а не фиктивна припадност. Во ЕУ, заедно со нашите соседи, стратешки партнери, заедно отсекогаш од нашиот источен Медитеран.