Опозицијата смета дека власта ја признала вината за враќањето на двајцата кандидати за воени претставници на Македонија во НАТО со тоа што неколку дена не одговара на нивните прашања.
Драган Ковачки, Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека двајцата вратени кандидати за претставници во НАТО, добиле НАТО сертификат од македонските власти.
„Ова ни помалку ни повеќе, значи дека органите, односно институциите што се целосно партизирани од страна на партијата на власт, издаваат НАТО сертификати, кои при повторна проверка од страна на Алијансата се оценуваат како неточни и некредибилни. Значи, станува збор за делегитимирање на целиот процес воден од македонските институции“. обвинува Ковачки.
Тој се сомнева дека власта на СДСМ издава НАТО сертификати само на лица подобни за власта, без разлика дали ги исполнуваат условите.
„Процесот на ветинг, односно безбедносна проверка, наместо да биде во функција на државата и спроведуван од институции предводени од професионалци, се користи за партиска пресметка со неистомислениците и неподобните“, додаде Ковачки.
За доброто на земјата тој ја повика министерката за одбрана Радмила Шеќеринска да понесе одговорност и веднаш да поднесе оставка.