Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје денеска одбележа три години постоење. Во таа прилика пред присутните, припадниците изведоа тактичко-показна вежба, или како изгледа дел од нивната работа и со што сѐ се соочуваат за време на нивната работа во служба на граѓаните.

Припадниците на Единицита за интервентна полиција се фокусирани на остварување на работни задачи во посеопфатно и потемелно одржување на јавниот ред и мир, пред сѐ во делот на ефикасно спротивставување на сите облици на уличен криминал, особено кога е во прашање лоцирањето, справувањето и лишувањето од слобода на опасни, вооружени лица.

На свеченоста присуствуваше директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Саше Тасевски, началникот на Секторот за внатрешни работи Скопје, Кире Даневски, новиот командант на Единицата за интервентна полиција, Дејан Несторовски, како и припадниците на Единицата.

– Она што е неспорно и евидетно е дека формирањето на Единицата за интервентна полиција во изминативе три години постоење сосема ја оправда својата намена и цел: оперативна мобилност и широк оперативен опфат, координираност, професионалност а се во насока на поглема функционалност и ефикасност на севкупниот полициско-безбедносен систем на подрачјето на главниот град. Како во смисол на спроведување на законите на сите нивоа, односно домени на надлежности така и во поглед на остварување на зацртаните проекции и планови на секторот за внатрешни работи Скопје, истакна директорот на БЈБ, Тасевски во своето обраќање. Тој упати благодарност на колегата Примислав Димовски, како еден од иницијаторите за формирање на Единицата.

Командантот на Единицата за интервентна полиција, Несторовски, истакна дека во изминатиот период особено внимание е посветено на стручно професионалното образовното надградување на припадниците на Единицата, на нејзиното ефикасно вмрежување во целиот безбедносен систем на главниот град, не само како фактор на поддршка или асистенција, туку и како оперативна алка која што може и знае квалитетно да се соочи со својата должност и обврски, независно од нејзината тежина или сложеност.

-Убеден сум дека и во наредниот период ќе продолжиме со унапредување на стручно техничкката, професионалната и материјална стандардизација на Единицата согласно она што е согласно трендовски важно за таквиот вид полициски оперативни единици, порача Несторовски.