Јубилеј 100 години од осветувањето на храмот Рождество на Пресвета Богородица беше одбележан денеска во тетовско Сараќино. На денот кога се слави патрониот празник Рождеството на Пресвета Богородица, литургијата ја водеше митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. По завршувањето на литургијата, беше извршен чинот на мал водосвет и беше прекршен празничниот колач.

Владиката г. Јосиф во својата беседа пред верниците порача дека се радува што во годината кога се исполнуваат првите десет години од формирањето на епархијата, во Сараќино освен празникот на храмот се слави и едно вековниот опстој

– Чувствувајќи ја денес таа празнична радост во овој храм кој оваа година по 100 пат од осветувањето го чествува својот празник, мора да кажам дека храмот е најважното место за секој еден христијанин. Храмот е душата на секој град и село. Она што е душата за човекот како личност и поединец, тоа е храмот Божји за едно населено место и за сите христијани. Сиот човеков живот, би рекол од раѓањето преку крштелниот купелот, па се до гробот е нераздвојно поврзан со храмот, порача митрополитот.

Тој потсети дека за овие 100 години во овој храм се случиле безброј радосни моменти, но тој е и сведок на многу тешки народни мигови, преживеал војни но останал да биде духовно прибежиште.

– Затоа секој од нас треба да се труди и во иднина да го чува и запази овој храм, кој го изградиле Вашите предци и го оставиле на вас, а вие пак како залог треба да се трудите овој заеднички дом да го сочувате за вашите чеда и внуци, кои доаѓаат после вас. Храмот е најголемото заедничко наследство кое една генерација може да го добие од своите предци. Храмот е духовно лечилиште, место, каде што сите заедно како црковна заедница се осветуваме и богоуподобуваме за да го здобиеме вечниот живот, истакна владиката.

На богослужбата учествуваа протојереј-ставрофор Мирко Станковски, протојереј Жарко Мицковски, парохискиот свештеник ереј Вељанчо Огненовски и ѓакон Славчо Ѓоргески.

Црковниот одбор по повод денешниот јубилеј на храмот на својот надлежен митрополит г. Јосиф му поклонија панагија со ликот на пресвета Богородица.

До осветувањето во 1923 година дошло по повеќегодишна изградба на црквата за која ктитори се верниците од Сараќино, а мајстор бил Андрија Трајковски од Лазарополе. Актуелниот црковен одбор има извршено повеќе обнови. Во 2012 година е изграден летниковец, а во 2015 година крстилница.