Осумдесет илјади работници поднеле жалби во Сојузот на синдикати дека им се прекршени работничките права. Овие претставки се во периодот од почетокот на пандемијата, потврдуваат од Сојузот на синдикатите. Неисплата на плата, отпуштање на работници без соодветна постапка, трансформација на договори од неопределено на определено време, се најчестите поплаки на работниците.
„Така не се испуштаат работници, така не може да се пресметуваат плати и не дозволуваме да не се исплаќаат плати. Најголемиот дел ги решивме, но некои работодавачи не послушаа и поведовме дури и судски постапки, а за останатите се обративме во Државниот инспекторат за труд“, рече Дарко Димовски, претседател на ССМ.
– Advertisement –
Работниците сè повеќе се охрабруваат и пријавуваат злоупотреба на своите права на работното место, велат од Трудовиот инспекторат. Само од почетокот на годинава инспекторите извршиле околу 3.500 редовни, вонредни и контроли. Освен парични казни, работодавачите кои не го почитувале законот, добиле и прекршочни, но и кривични пријави.
Државен трудов инспекторат:
Јануари Опомени 28, Наредби 24, Казни 4
Февруари Опомени 31, Наредби 45, Казни 17, Кривични пријави 2
Март Опомени 168, Наредби 184, Казни 17, Кривични пријави 1
„Евидентирано е пријавување на граѓаните преку апликацијата на веб-страната и во кол-центарот од 1.171 случај, од овие на веб-страната имаме пристигнато 710 пријави, а преку кол-центарот се јавиле 460 граѓани кои пријавиле прекршување на некакво право во работниот однос“, рече Јована Тренчевска ВД Директорка на трудов инспекторат.
Од Трудовиот инспекторат велат дека вработиле шест нови инспектори а сега се чека вработување на дополнителни пет. До крајот на годинава планот е бројот на инспектори да се зголеми за плус осум кои ќе вршат проверки на терен. Синдикатот денеска промовираше нова мобилна апликација „Мои работнички права“ каде може да се пријавуваат неправилности на работното место.
Иле Петревски