Од утре се очекува да продолжи процесот на имунизација со трите типа на вакцини – Астра Зенека, Спутник В и кинеските од производителот Синофарм со вакцинација на граѓани на возраст од 73 и 74 години во скопската сала „Борис Трајковски“. Пријавени се околу 5000 граѓани кои ќе бидат вакцинирани, а како стигнуваат следните количини вакцини така ќе се надоврзат на процесот на вакцинација соодветно на возрасната граница.

-Добро се одвива вакцинацијата заклучно со вчерашниот ден близу 30.000 граѓани се вакцинирани во оној дел којшто значи вакцинација по пунктовите некаде околу 12.000 од вкупно 22.000 распределени дози на вакцината Астра Зенека. Во салата Борис Трајковски денеска завршува вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура со што го заокружуваме тој процес и од утре почнува вакцинацијата на постарите граѓани како надополнување на овој систем што веќе се спроведува. Тоа значи дека вакцинирањето на сите пунктови ширум државата и тука во Скопје продолжува по оној терк на закажување како што трае, фреквенцијата на спроведување е нешто зголемена изминативе денови и од оние 700-800 на ден сега се вакцинираат околу 1000-1500 граѓани, согласно пријавените термини тоа се спроведува во сите градови, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Од утре ќе започне вакцинирањето и на граѓаните помлади од 75 години, кои се пријавени во системот на сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари. Тие ќе добијат термини, најпрво во Скопје заради тоа што тука е најголем притисокот, тоа значи дека сите 74 и 73 годишни граѓани кои се пријавиле во следниот период ќе бидат вакцинирани.

Филипче рече дека во овој момент од вакцината Спутник В кон крајот на денешниот ден ќе останат околу 2.500 вакицни, 2.000 вакцини од Астра Зенека и 1.000 кинески вакцини кои пристигнаа како донација.

На 19 и на 26 април од компанијата Фајзер има најава дека ќе испорачаат по 10.000 вакцини, а по завршување со административниот дел во Кина се очекува и точниот датум кога ќе бидат испорачани 200.000 дози „Синофарм“.

Очекуваме информација и од руската амбасада за дополнителни количини на вакцината Спутник В. Повторно би требало 76.000 дози на Астра Зенека да стигнат до крајот на месецот за што утрово разговарав со претставничката на СЗО. Она што значеше помош преку трилатералните договори од ЕУ што ги најавија за месец април очигледно ќе се поместат според последните најави од утрово е дека ќе пристигнат во првата недела на мај. Тоа се засега информациите, како вакцините ќе пристигнуваат од кои најголема количина наеднаш очекуваме да стигне од Кина. 200.000 вакцини ќе бидат распределени по овој систем на вакцинација кој веќе се спроведува ширум државата, изјави Филипче.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.