Од утре осум лекари од приватното здравство се вклучуваат во поддршка на колегите од јавно-здравствените установи, објави министерот за здравство Венко Филипче.

Клучно е да го зголемиме капацитетот и човечките ресурси во битката со овој силен бран. Утрово на редовната дневна координација со директорите на клиниките работевме на реорганизација на системот и обезбедување на потребните капацитети. Притисокот е огромен и на дневна основа се планира и надополнува со цел сите пациенти да добијат соодветна заштита. Апелирам да се почитуваат рестриктивните мерки и сите препораки за заштита со цел да го заштитиме здравствениот систем, вели Филипче.

Вчера беа регистрирани 1.259 нови случаи на ковид-19, починати се 45 лица, 20 од нив од Скопје.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 136.426, бројката на оздравени пациенти е 111.139, на починати е 4.022, а бројот на активни случаи изнесува 21.265.

Во болниците во Македонија од ковид-19 се лекуваат над 1.700 пациенти.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.