Дел од пекарниците најавуваат дека од утре, 1 декември, граѓаните ќе може да купуваат леб и за 32 денара. Во наредниот период, како што велат за МИА, ќе има корекција и на цените на другите пекарски производи, веројатно за околу 10 проценти. Снижувања за над 10 отсто се можни и кај месните производи доколку Владата донесе одлука со која би се укинале давачките на увозните суровини, како што бараат компаниите од овој сектор. Намалени цени во декември не може да се очекуваат кај млечните производи кои, според преработувачите, ќе бидат поевтини од јануари.
Ова се ставовите на претставници од прехранбената индустрија кои од утре, преку „ЕСМ продажба“, треба да добиваат струја по субвенционирана, фиксна цена од 80 евра за мегават час.
Компаниите ја поздравуваат мерката како почеток за целосно решавање на проблемот во нивната индустрија. Сметаат и дека регулираната цена на струјата, комбинирана со мерката за маржите во малопродажбата, ќе даде ефект.
Мелничарите и натаму се на ставот дека со активирање на стоковните резерви би се постигнал поширок бенефит. Посериозна стабилизација, пак, на цените кај млечните производи, како што оценуваат од млечната индустрија, може да се очекува само ако им се даде поевтина струја и на фармерите.
-Можеме да соопштиме дека од утре, 1 декември, граѓаните ќе може да имаат леб по подостапна цена од 32 денара, а во наредниот период, по пресметките, ќе се направи корекција и на цените на другите пекарски производи која би била за околу 10 проценти во овој сектор. За да можеме уште повеќе да излеземе во пресрет на потребите на граѓаните, а воедно да не ја загрозиме ликвидноста на компаниите, сметаме дека активирање на стоковите резерви е мерка со која би се постигнал поширок бенефит. Според информациите кои ги имаме за залихите со кои располагаме како држава, треба да е доволно и за овој период, а не би требало да има поголеми проблеми и наредната година, бидејќи Србија од каде се прави најголемиот узвоз има доволни количини. За трендот на движење на цените на пченицата не може однапред да се дадат подолгорочни прогнози, бидејќи се работи за берзански производ и зависи од пошироките глобални движења и случувања, изјави за МИА потпретседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) и претседател на Агро-бизнис комората, Горан Ѓорѓиевски.
Според Стопанската комора на Северна Македонија, млечните производи што ќе се произведуваат од 1 декември натаму, со евтина струја, ќе се продаваат по Нова година.
-Млечната индустрија е специфична поради подолгите неколкумесечни процеси на производство. Ферментирањето за дел од производите како кашкавал или сирење, трае два до три месеци. Тоа што сега ќе се произведе во млечната индустрија, ќе се продава од јануари натаму или производите со евтина струја ќе се продаваат после Нова година. Малку поразлично е во пекарската индустрија каде многу побрзо може да се чувствуваат позитивни ефекти и намалување на цените, објаснуваат од Стопанската комора.
Оттаму нагласуваат дека секоја компанија ќе ги намалува цените на производите зависно од процентот на учество на енергијата во крајниот производ, но под услов цените на суровината, амбалажата и другите инпути да останат исти.
-Тоа не е случај зашто во изминатиот период, почнувајќи од 2021 година и особено со почетокот на украинската криза, суровините од кои сме многу зависни се во постојан раст, а како држава немаме влијание на тој процес, потенцираат од Комората.
Колкаво е учеството на струјата во крајната цена на прехранбените производи?
Компаниите од месната индустрија кои деновиве одржаа работен состанок, заклучија дека процентот на намалување на цената на крајниот производ сепак ќе зависи и од тоа со колкав процент во него учествува енергијата.
-Кога цената на енергијата беше највисока, 500 евра за мегават час, таа учествуваше со 15 проценти, а сега, со намалени цени, учествува со 2 – 8 отсто. Тоа важи за мелничката и месната индустрија. Само за споредба околу конкурентноста на македонските прехранбени производи во однос на производите од Србија – во август и септември, кога цената на електричната енергија беше највисока, учеството на енергијата во производот од Србија во однос на оној од Северна Македонија беше 1/10. Ако кај нас учеството беше 15 отсто, во Србија највисокоот учество беше 1,7 проценти. Во овој момент, во нашите производни цени државата со своите зафаќања учествува со над 35 отсто (суровина до 20 отсто), вклучително и енергијата, без платите. Затоа во моментов имаме повисоки цени отколку што се оние во опкружувањето (дури и ЕУ) и постепено го губиме домашниот пазар, како и јавни набавки каде единствен критериум е цената, објаснуваат од Комората.
Воедно додаваат дека кај млечната индустрија суровината е домашна и има постојано раст на цените за два до три денари или од 8 до 10 отсто на основна суровина.
-Енергијата во периодот кога беше најскапа учествуваше до седум проценти. Суровото млеко во ЕУ е 20 отсто поевтино во однос на нашата суровина, а квалитетот е далеку повисок. Оттука, ако се даде поевтина струја и на фармерите, тогаш може да се очекува стабилизација посериозна. Месната индустрија, пак, не бара субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување. Србија има 8 отсто давачка, другите земји немаат царина на замрзнато месо, а ние имаме од 18 до 35 проценти во зависност од тарифниот број. Владата ги увиде ваквите состојби, донесе одредени мерки во таа насока и тие треба да се заокружат до крај за да се реализира заедничката цел – граѓаните да кушуваат домашни евтини и квалитетни месни производи, дополнуваат од Комората.
Надлежните најавуваа намалување на цените во декември и до 13 проценти
На 18 ноември годинава, по средбата со производителите и претставниците на најголемите ланци маркети, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека очекува во почетокот на декември да има намалување на цената на основните прехранбени производи од пет до 13 отсто.
-Веќе почна трендот на намалување на цените на одредени производи, посебно на лебот, млекото, млечните и на некои месни производи. Одреден производител на млеко имаше пред 4 – 5 дена цена над 80 денари, а денеска цената е 76 и најверојатно од 1 декември ќе има дополнително намалување. Одредени производители на леб имаат цени над 40 денари, а денеска тие се движат од 36 – 38 денари. И таму очекуваме дополнително намалување. Истото важи и за месните производи. Согласно сите калкулации, ќе има дополнително намалување во наредните денови со оглед дека завршуваат сите постапки во „ЕСМ продажба“ за склучување на договорите со компаниите прозводители на основните прехранбени производи, подвлече министерот.
Може да се случи, нагласи Бектеши, да има зголемување на цената на суровините кои се увезени.
-Но, секако дека има одредени механизми и за таму да може да се стабилизира. Ако е тоа проблемот за да има дополнитело намалување на цените, ние сме подготвени и тоа да го направиме, потенцира тогаш министерот.
И премиерот Димитар Ковачевски најави намалување на цените на основните прехранбени производи.
– Со последната мерка на Владата обезбедивме поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Резултатите веќе се евидентни, одредени производители ја намалија цената на лебот, а цената на маслото за јадење на одредени произведувачи е намалена и за 40 денари. Очекувам во наредните денови до 10 посто намалување на цените на основните прехранбени производи. Ова е време на одговорност, не е време за профит, порача завчера Ковачевски.
Мирјана Чакарова/МИА