Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска денеска се сретна со претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова и со претставници на Сојузот.
Премиерот Ковачевски и министерката Тренчевска ја остварија средбата во Сојузот на здруженија на пензионери, со цел да ги потврдат определбите на Владата за конкретна и постојана грижа за стандардот на пензионерите.
На состанокот заеднички е констатирано дека е од голема помош поддршката од Владата на пензионерите, преку усвојувањето на новата методологија за пресметка на пензиите и антикризните мерки.
„На почетокот на новата година се сретнав со раководството и со членови на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, за да потврдиме дека партнерски продолжуваме да се грижиме за животниот стандард на пензионерите, преку системски и одговорни политики. А, не како во некои минати времиња кога пензионерите беа злоупотребувани за предизборни цели.
Утре пензионерите ќе ја добијат на своите сметки, втората исплата на финансиската поддршка за пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари од вкупно четири исплати, односно финансиска поддршка во времетраење од четири месеци.
Минатиот месец, со исплатата на декемвриската пензија, финансиска поддршка од 1.500 денари добија 62.951 лице, чија пензија е до 11.525 денари и по 750 денари добија 65.704 лица, со износ на пензии од 11.526 до 14.000 денари.
Ова не е единствената финансиска поддршка за пензионерите предвидена со антикризни мерки.
Финансиска помош во вкупна вредност од 3.000 денари, добија 330.000 пензионери, за месеците март, април и мај 2022 година.
Пензионерите во 2023 година влегоа со повисоки пензии за околу 10%. Ова е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година.
Следува ново усогласување на пензиите за два месеца во оваа нова 2023 година, во месец март, според трошоците за живот и порастот на просечната плата. За една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%. И тоа календарска, неизборна година.
Оваа методологија, која ја утврдивме заедно со Сојузот на здруженијата на пензионери, работена според швајцарскиот модел, дава резултати на долг рок.
Усогласувањето, според оваа методологија се врши два пати во годината, односно во март и во септември и ги следи промените во двата индекса за усогласување.
На овој начин осигуравме заштита на пензионерите во осцилациите на трошоците за живот и ги поврзавме покачувањето на пензиите со покачувањата на просечната плата”, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски рече дека пензиите, од почетокот на пандемијата, до денес се исплаќаат дури и предвреме.
„Секако дека секогаш може и треба повеќе. И доколку се покаже потребно, повторно ќе интервенираме, со цел да го заштитиме животниот стандард на пензионерите.
Оваа Влада, покажа дека искрено се грижи за пензионерите и водејќи се од буџетските можности, стандардот на пензионерите никогаш не бил вака штитен, како денес“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата соопшти дека во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година, предвиден е трансфер од околу 30 милијарди денари кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за навремена исплата на пензиите и за усогласувањата предвидени со закон.
„Интервенираме со краткорочни мерки кога е потребно, но истовремено носиме одржливи решенија, од коишто придобивките се на долг рок, за граѓаните, конкретно во овој случај за пензионерите и така продолжуваме да работиме”, најави премиерот Ковачевски по средбата во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.