Србија во следните три години планира да ја заврши изградбата на автопатот од Пожега до границата со Црна Гора, со што ќе се заврши српската делница од идниот Коридор 11. Оваа траса, дел од Трансевропскиот автопат (ТЕМ), ќе го поврзува Белград со Јадранското Море и ќе биде долга 269 километри.

Делницата од Пожега до Болјар, долга 106,3 километри, ќе води низ долината на реката Моравица, меѓу Јавор и Голија, преку висорамнината Пештерск. Во планот се предвидени вкупно 11 делници од трасата, од кои најкомплексна е делницата од Пожега до Дуга Полјана каде ќе се градат 72 моста во должина од 35 километри и 10 тунели со вкупна должина од речиси 17 километри.

Автопатот ќе има две сообраќајни ленти и по една лента за застанување во секој правец, а предвидената брзина ќе биде до 120 километри на час. Трасата најмногу минува надвор од урбаните средини, со минимални зафати во две општини.

Паралелно завршува и делницата Прељина-Пожега долга 30,9 километри. По неговото отворање, патувањето од Белград до Пожега ќе трае околу час и половина. На оваа траса веќе се изградени клучни објекти, вклучувајќи ги тунелите Муњино брдо, Лаз и Трбушани. Вредноста на работите се проценува на 450 милиони евра, а се очекува да завршат до крајот на годинава.

Планирани се и голем број клучки и места за одмор долж трасата, паркинзи на неколку локации.

Србија го привршува својот дел од работата, а вниманието сега е свртено кон Црна Гора каде се подготвува изградбата на делницата Матешево-Андријевица долга 21 километар, пишуваат српските медиуми.

Се очекува работите да траат околу пет години, а вредноста на проектот се проценува на 550 милиони евра. Досега се обезбедени 100 милиони евра грантови од ЕУ и уште 200 милиони евра поволни заеми од Европската банка за обнова и развој, а остатокот ќе се покрие од црногорскиот буџет.

Црногорската министерка за транспорт Маја Вукиќевиќ рече дека фокусот ќе биде ставен на квалитетот и достапноста на понудите, со надзор на ЕБОР. Изборот на изведувачот се очекува во текот на летото, а првите работи би можеле да почнат до крајот на годинава. Експропријацијата на земјиштето е веќе завршена во голема мера, а во тек е и јавна расправа за влијанието врз животната средина.

Доколку се оди според планот, граѓаните на Србија и Црна Гора наскоро ќе имаат можност за само три и пол часа да патуваат по модерен автопат од Белград до Јадранското Море. Патот од Подгорица до главниот град на Србија, долг 370 километри, ќе стане значително пократок, побезбеден и побрз.