Владата ја разгледува можноста да се побара одговорност од нивните претходници кои го воведоа солидарниот данок, по вчерашната одлука на Уставниот суд да се поништи Законот за солидарен данок која на сегашната Влада и наметна обврска да им врати 49,2 милиони евра на 156 оданочени компании. Премиерот Христијан Мицкоски денес рече дека не го загрижува толку однесувањето на претходната влада колку што го загрижува поддршката за овој данок што ја добиле од меѓународни финансиски институции.
„ Тогаш бевме опозиција и на состаноците со претставниците на тие меѓународни финансиски институции лично ги гледав во очи и им кажував дека ова дивеење еден ден некој ќе го враќа. Еве дојде денот кога вие треба да го враќате. Тие ќе се спакуваат и ќе си отидат таму од кај што дошле, вие ќе треба да го враќате. И сега наместо нови 50 милиони за нешто друго, ние ќе треба поради хирови да враќаме за некој кој што правел грешка“, рече премиерот Мицкоски.
Оданочените компании Мицкоски вели дека е сосема легитимно да побараат и камата. Тој не сакаше да ја коментира одлуката на Уставниот суд, најави дека во целост ќе ја почитуваат и јавно побара објаснување од опозицијата како да се врати данокот.
„Нека излезат сега пред граѓаните и пред јавноста и нека кажат кој ќе ги врати овие 50 милиони. Од Соравија ли ќе ги вратиме? Од ‘ролс – ројсот’ ли ќе ги вратиме? Од инстант фирмите за јаглен ли ќе ги вратиме? Еве нека излезат сега и нека им кажат на граѓаните“, рече премиерот Мицкоски и праша дали и сега опозициските партии сметаат дека уставните судии работат по негов налог.
За враќање на солидарниот данок веќе имал состанок со министерката за финансии и договориле да ја посетат секоја од компаниите која платила солидарен данок за заеднички да најдат начин на кој ќе им бидат вратени парите.
Солидарниот данок беше воведен во 2023 година како мерка за справување со економската криза, а обврска да плаќаат имаа компаниите кои во 2022 година имале вкупен приход поголем од 615 милиони денари.
Уставниот суд вчера го поништи Законот за солидарен данок со образложение дека ја повредува темелната вредност на владеењето на правото и се противи на правната сигурност, која е загарантирана со Уставот и оцени дека ретроајтивноста на Законот ги става компаниите во нееднаква правна позиција, што е спротивно на правата на сопственост и слободата на пазарот и претприемништвото.
Со одлука на уставниот суд, компаниите имаат рок од пет години да побараат враќање на парите.