Најдоцна од крајот на септември паркирањето ќе се наплаќа и во Реонски центар и во Ново Лисиче, каде сега паркирањето е бесплатно. Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, вели дека за да почне наплата се чека одобрување на проектот.

„Зонското паркирање го управува и менаџира ЈП Градски паркинг – Скопје меѓутоа во координација сме со нив. Зонското паркирање во Реонски центар ќе почне паралелно со зонското паркирање во Ново Лисиче. Општината изготви проект, се чека одобрување на проектот од Град Скопје и Министерството за внатрешни работи по што веднаш ќе се спремни за бележење и поставување на информативни табли. Очекувам дека во наредниот месец до два, најдоцна до крајот на септември дека ќе почне да функционира во Ново Лисиче и во Реонски центар“, рече денес градоначалникот Митески.

Жителите на Ново Лисиче и Реонски центар бараа едновремено да почне наплата на паркирањето за да се избегне трупање во возила на местото во кое подоцна ќе биде воведено зонското паркирање. Тие постојано се жалат дека паркирањето во овој дел од градот станува невозможно за резидентите оти на паркинзите пред зградите паркираат и автобуси и комбиња и автомобили на луѓе кои работат во други општини во Скопје, каде што паркингот се наплаќа./ Макфакс