Семејна традиција, стара 60 години, која се пренесувала од колена на колено и во 1993 година прераснува во голема модерна и современа живинарска фарма во која денес се одгледуваат 35.000 кокошки. Јајцата од фармата „Пика“, чии сопственик е Маринчо Кожарски се продаваат под слоганот „Најдоброто од Малешевијата“, кој несомнено одговара на нивниот квалитет. Кокошките се одгледуваат во строго контролирани услови, се хранат со посебна храна за чија подготовка е ангажиран дипломиран технолог, а јајцата се дистрибуираат со сопствени возила сертифицирани за оваа намена. Фармата е автоматизирана до тој степен така што првиот допир со јајцето го има потрошувачот.

Зелените предели на Малешевијата и чистата и незагадена средина се доволен мотив за жителите од овој крај да се посветат на земјоделство, сточарство и живинарство. Таков е случајот и со Кожарски чија фарма се наоѓа на надморска височина од 900 метри во атерот на селото Русиново во подножјето на планината Петлец.

-Фармата се наоѓа на површина од 25.000 метри квадратни, а во рамките на фармата има шест хали за чување на кокошки и несење на јајца и две хали за одгледување на млада живина. Во фармата се одвиваат два процеси. Едниот е одгледување на живина од еднодневно пиле па сè до 18 недели старост. Овие пилиња потоа се селат во една од шесте хали кој служат за несење на јајца. Во рамки на фармата има и објект кој служи за подготвување на храна за живината. Храната се подготвува со внимателно одредени хранливи состојки од страна на дипломиран технолог по сите критериуми и стандарди, вели Кожарски.

Фармата постои од 1993 година, а е модернизирана во 2019 година. Во моментов располага со најмодерна и најсовремена опрема која ги задоволува сите европски стандарди. Капацитетот на фармата е 35.000 кокошки, а во фармата освен членовите на семејството вработени се уште 15 лица.

-Во рамките на фармата постои собирен центар во кој се собираат, класираат, пакуваат, обележуваат и потоа се дистрибуираат произведените јајца. Со сопствени возила кој се сертифицирани за оваа намена јајцата ги дистрибуираме до сите маркети во државата. Фармата е автоматизирана до тој степен така што првиот допир со јајцето го има потрошувачот, објаснува нејзиниот сопственик.

Откако ќе престанат да несат јајца кокошките се носат во кланица каде што се колат, а месото потоа се продава по маркетите и месарниците.

Маринчо Кожарски раскажува дека традицијата за чување на кокошки во неговата фамилија датира многу одамна уште од неговата баба Рајна која пред 60 години чувала од 80 до 100 кокошки. Потоа нејзиниот син Димитар ја продолжил традицијата и го зголемил бројот на 3.000 кокошки. Како се зголемувал бројот на кокошки така се зголемувале и инвестициите и капацитетот на фармата.

Но, како и секој друг успешен бизнис така и развојот на фармата на Кожарски не застанува тука, ќе продолжи да расте и да се зголемува во зависност од потребите на пазарот и потрошувачката на јајца.

-Корона кризата не влијаеше на работењето на фармата. Немавме застој во производството, бидејќи јајцата се бараа и се продаваа во сите маркети. Работниците беа организирани во групи и ги почитуваа препораките од Агенцијата за храна и ветеринарство за заштита од пандемијата. Можам да кажам дека потрошувачката на јајца во пандемијата дури беше и малку зголемена од вообичаено, вели Кожарски.

Како и во секоја друга работа така и во оваа за да се успее потребна е работа, љубов и посветеност, вели Кожарски и им порачува на младите да не се откажуваат од нивните идеи бидејќи во Македонија има услови за развој на сопствен бизнис само треба да се има желба и да се пратат современите трендови. Првите неколку години се тешки, но треба да се издржи. Зависи од капацитетот на фармата, парите од почетната инвестицијата обично се враќаат за две до три години, а потоа почнува да се зголемува добивката.

(А.С.)