Никица Корубин
Заглавени во “шокот” од повторното поставување на споменикот на Андон Јанев – Ќосето, припадник на историската организација ВМРО, јавноста, а особено онаа многу загрижена за идентитетот и одбрана на истиот од Бугарите; целосно го заборави многу важниот историски датум, а тоа е Битката кај Беласица, која се одиграла на 29 јули 1014 година, кај местото Клидион (Клуч) каде конечно згаснува и моќта и војската на царот Самуил во судирот со византискиот император Василиј Втори Вулгароктонос (Бугароубиецот) од редовите на Македонската династија.
Ако, ништо друго последицата од 15.000 ослепени војници, како резултат на осветата на Василиј Втори за смртта на неговиот војсководец и советник Никифор Вотанијат во истата битка; често пати употребувана кај нас метафорички и жаргонски како “Самуилови слепци”; можеше некого (било кого) да потсети на “жестоката” битка на “јавноста” за “одбрана на идентитетот” од пред неколку години кога средниот век беше предмет на Комисијата за историски и образовни прашања од Договорот со Бугарија. Кога веќе се заборави и роденденот и смртта на Александар Македонски, на толку масовно и (наменски површно) употребување на еден од симболите на кралската династија на Аргеадите – симболот на сонцето (од Вергина, старата македонска престолнина Еге).
Што го отвора прашањето, не само за суштинското и елементарно незпознавање на историски настани, датуми, личности и процеси; туку и за апсолутна симплификација и митологизација на истите, до ниво на наивна бајка. Во која ние (Македонците) сме секогаш “на вистинската страна на историјата” во која со ум, разум и љубов сме ги поминувале историските препреки. Само ни фалат некои самовили, сатири и силени. И понекоја муза, да ја вдахнови нашата мирољубива и ненасилна мисија.
Ако ова не е доволно комично, и не го отсликува конструктот кој ни се сервира како “историја” со децении, може да ја слушнете и лаконската изјава на вицепремиерот Изет Меџити, за опасност од “меѓуетнички тензии” реферирајќи се веројатно на релацијата Македонци-Албанци, со повторното поставување на споменикот на лик од организација, кој историски нема никаков проблем со Албанците, и која се бори, “со етничка терминологија” против главните окупатори – или Турци или Срби. Дали е историска неписменост или историски конструкт? Или и двете во комбинација?
Што и да е – историска неписменост или историски конструкт – не е индивидуална појава, туку е наменски проектирано на целата јавност – преку систематска пропаганда преку образование, медиуми, (не)достапност до историски извори и архиви, научни институти и катедри, академија и аналитичка јавност – како наратив не само за тоа што е историја, туку што смее да биде третирано како историја. Последиците се индивидуални, за секој еден од нас; но и колективни како наратив кој треба да биде заедничка колективна идентификациона точка.
И тоа е “конструираниот национален наратив” кој се третира како “идентитетот кој ни е загрозен”. Подобноста на историските ликови е очигледно строго селектирана, со проектирање на “идеална слика”, историски непостоечка, за тоа како изгледале и функционирале различни историски периоди – на пример историската организација ВМРО во 19-от и првата половина на 20-от век – и начинот на кои тие единствено можеле да функционираат во дадениот историски контекст. И затоа вистинската историографија (базирана на факти) ги интерпретира историските настани, согласно контекстот во кој се случиле, а не согласно нашиот вредносен (наметнат) систем. И бира начин како од тоа, ќе се создава со текот на времето наратив, и одбележување и сеќавање на истиот.
Затоа што инаку, траги-комична е ситуацијата за нас и нашата сегашност, селективноста во површното третирање на историски настани; па всушност омразата и гневот што се насочуваат кон конкретен историски лик (Андон Јанев Ќосето), скриена позади “незаконското поставување на споменикот” или “неговата улога на ликвидатор на ВМРО” треба да проектира антагонизам кон сопствената историја? И притоа да селектира што е прифатливо (прочистена верзија за Гоце Делчев или Даме Груев) и “дозвола” за нивен влез во химната, кои патем речено се дел од истата организација и истите методи, кои ги извршува Андон Јанев. Па, белким не го замислуваме Гоце Делчев седнат во некоја кафеана, со пенкало во раката, како ја опева битката за Македонија?
Токму оваа флагрантно недоследност, за кои може да се најдат и многу други примери, освен овие посочените, и говорат во прилог на инжињерингот што се одвива долго време, со историскиот наратив, и со официјалната историја кај нас – која создава од една страна “подобни” кои смеат институционално да се занимаваат со историски науки, и да бидат единствените авторитети и просветители за “плебсот”; но од друга страна остава вистинска пустош, на елементарно историски “неписмени” граѓани, кои се потпираат на селектирана и површна “научна вистина”. Или се оставени индивидуално да се едуцираат.
Во спротивно, многу поголем шок за граѓаните заробени во “заробената општество” ќе беше извештајот на ЕУ, во кои се констатира медиумски инжињеринг, директни влијанија на концептот на “српски свет” како закана за суверентитет и регионалната безбедност, и наменски задолжувања кои го отвораат директно патот за влијанија на процесите од кои ќе зависат нашите животи. И наш најголем проблем е Ќосето, кој заслужи десеткратно поголемо влијание во “јавноста” од реалните влијанија и проблеми? Кога веќе ни го проектираат минатото, сегашноста, остана само уште иднината, зарем не? Факти или фикции, станува прашање на опстанок, а соочувањето со реалноста и вистината прашање на нашата генерација.