Министерството за здравство информира дека од 1 ноември продолжува националната скрининг програма за рано откривање на рак на дојка.
Ова е посебно значајно за жените кога имаат знаци за промени во дојката или треба да направат контрола, и овие активности се иницирани за навремена дијагностика, односно жената да стигне на преглед навремено со цел откривање на ракот на дојка во раната фаза.
Жените од возрасната група од 45 до 69 години ќе бидат опфатени во националната скрининг програма, кои не направиле мамографија последните две години, додека жените на возраст од 40 до 44, кои имаат член во семејството со рак на дојка и или друг дополнителен ризик фактор ќе имаат можност самоиницијативно да се пријават за скрининг мамографија на посебна страница за таа намена.
Скрининг мамографијата е бесплатна за жените во програмата, партиципацијата ја покрива Министерството за здравство.
Исто така, се иницирани промени во начинот на упатување и закажување преглед за мамографија, ехо и биопсија, каде ќе се овозможи на радиологот да ја упатува жената со цел да се намали времето и патот на жената од преглед до третман.
Во завршна фаза е и склучувањето договори за набавка на нови најсовремени мамографи во соработка со Светска банка за јавните здравствени установи со што значително се доближува оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење и токму преку регионализација фокусот се става на навремената дијагностика и рана детекција на ова најчесто малигно заболување.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.