Пишува: Никица Корубин

Кога Рајнхард Прибе, во два наврата 2015 и 2017 година, со експертската група на ЕУ, го дефинираше проблемот на кризата во Македонија и власта на “заробената држава”; кој со волја, а кој без волја го прифаќаше извештајот на техничко и стручно ниво, амнестирајќи и апстрахирајќи се од (со)учеството во создавањето на системот на “заробената држава”, но, во ниту еден момент не го игнорираше.

Но, кога деновиве Томас Вајц, известувачот на ЕУ за Северна Македонија, симболично го стави “капакот” на отворениот “сад” за суштинска и длабинска констатација и дефиниција на причините на долговечноста и отпорноста на “заробената држава”, ултимативното и консензуалното игнорирање, стапи на сцена.

И речиси никој, според функцијата и улогата во државата и општеството, нема никаков длабинско коментар, надвор од површните ретки и штури известувања, за концизните и прецизни дефиниции, на влијанието кое суштински ја обликува нашата реалност и поважно, ја обликува манипулативната перцепција за тоа што е нашата реалност.

И како прва жртва ја става јавноста, односно пристапот до кредибилна информација, која логично и последователно го обликува секој наш став и сознание, не само за тоа што реално се случува, туку и последиците од она што не се случува, а мора да се случи – уставните измени и евроинтеграцијата.

Па, прашањето кое нашите партиско-политички “елити”, во директна корелација со неколку нивоа на влијателни нишки – медиуми, експерти, академска јавност, верски заедници – сами го наметнаа им се враќа камо бумеранг: како (само-бараната) гаранција за “македонскиот идентитет и јазик” е идентитетско прашање, а синтагмата “српски свет” која за прв пат е влезена во официјален извештај за нас како држава; не е идентитетско прашање?

Кога токму тој, а не односот кон “македонскиот идентитет и јазик”, според зборовите на извештајот “го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“: “Изразува загриженост во врска со таканаречениот проект „српски свет“ и дека некои претставници на Владата на Северна Македонија го застапуваат и промовираат овој концепт; го осудува учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание со што се поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот”. Белким е јасно дека во “другите земји” влегуваме и ние самите.

Тоа што декларарината сензитивност и имагинација за “македонскиот идентитет и јазик” го преплави јавниот дискурс и ги ангажира во “патриотски занес” македонските партии, повторно сложно позициски-опозиско здружени; се руши како кула од карти со молкот за другите аспекти, и особено овој од истиот извештај. И целосно ја анулира и обесмислува нивната кредибилност и искреност, со отсуство на “еквидистанца од соседите”, со речникот што го разбираат. Се согласуваат со овој дел од извештајот или мислат дека можат да го игнорираат целосно?

Ако се согласуваат, дали исто вака солидарно здружени и во молк и во “патриотизам”, ја ефектуираат преку законско решение и следната точка од извештајот: “Потсетува на потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС), кои се чуваат и во Северна Македонија и во Србија; нагласува потребата од отворање на овие архиви низ целиот регион за справување со тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западен Балкан”.

Тоа што не’ потсетува, значи дека еднаш веќе е кажано, а и е содржано како обврска и во Протоколот помеѓу Северна Македонија и Бугарија; оној “фамозен” документ во кој се “кријат стапиците” за “нашиот идентитет”, само што тие стапици дијаметрално различно ги гледа ЕУ – “српски свет и заробена држава” – а сосема поинаку нашата “елита” – “идентитет и јазик”, за кој патем речено слободно се говорат и вистини и невистини, и манипулации и вештачки наративи; за разлика од дефинициите на ЕУ, за кои постои “завет на молк”. Чуму такво запоставување на тој дел од “загрозеноста на нашиот идентитет”?

И затоа, со нивна волја или без нивна волја, овој извештај на Томас Вајц, после точно 10 години “го затвора кругот” на извештаите на Рајнхард Прибе; и ја има идентичната тежина; и кој тогаш требаше да биде почетокот на катарзата и соочувањето со самите себе, на нас како општество и граѓани. И бидејќи нашите “елити” 10 години, го саботираат и минираат секој обид за реформа и воспоставување на функционално општество, ЕУ овој пат “без ракавици” и надвор од посакуваните “мерит правила”, ни ги покажува причините за статус-кво ситуацијата во која се’ подлабоко тонеме.

И им ја дава последната шанса, на сите влијателни структури – од партии, преку медиуми, до експерти, професори, невладини организации – да се определат транспарентно, во однос на подобните и неподобните (за нив) прашања. А, нам на граѓаните ни останува да “извагаме и измериме” што е воопшто вистина, од целиот јавен дискурс, при толку многу посочени надворешни влијанија во извештајот на ЕУ? И да се запрашаме, дали ЕУ е позагрижена за нас како граѓани и функционална држава, од нашите “елити”? Секој доби шанса, да видиме кој шансата ќе ја искористи.