По осум години ветувања и осум месеци стационирани на паркот кај Пожарната во Тетово, од понеделник се очекува во овој град да почнат да сообраќаат автобусите на градскиот јавен превоз.
Најпрвин ќе бидат пуштени две линии кои ќе сообраќаат на секои 30 минути на релација Автобуска станица „Монопол“, булеварот „Лирија“ и булеварот „Илинден“ и обратно. Втората линија ќе се протега од градскиот стадион, центарот и булеварот „Илинден“. Ова за ТВ21 го потврди директорот на Претпријатието „Тетово транспорт“, Дарко Спировски.
Автобусите ќе сообраќаат на секои 30 минути.
Еден билет ќе чини 20 денари, а месечната 900 денари, а годишната карта 9.000 денари.
За студентите и административците месечниот билет ќе чини 600, а за возење на годишно ниво -6.000 денари. За општинската администрација цената на месечниот билет ќе изнесува 450, а годишниот 4.500 денари.
Пензионерите над 62 години и лицата со телесна попреченост, за месечен билет ќе плаќаат 350, а за возење на годишно ниво 3.500 денари, додека за лицата со над 80% инвалидитет возењето ќе биде бесплатно.