Од понеделник почнува вакцинирањето на деца и млади на возраст од 12 до 16 години, а досега се пријавени вкупно 1798.Вакцинирањето за нив ќе биде во постојните вакцинални пунктови во градот што го навеле при пријавувањето. Најголем број пријавени деца и млади има во Скопје и тоа во поликлиниките: „Букурешт“ – 402, „Јане Сандански“ – 287, „Чаир“ – 110 и „Бит Пазар“ – пет.
Од ресорното Министерство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, аплицирани се вкупно 713.114 дози вакцини, а ревакцинирани се 267.106 граѓани. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.
Процесот на теренска вакцинација, пак, се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба.
Во текот на денов, како што информираат од Министерството за здравство, теренска вакцинација ќе биде спроведена во повеќе населени места. Во Тетово: Шемшово, Сиричино, Прелубиште, Озормичте, Ратае, Туденце, Жилче, Раотинце, Јегуновце, Јанчиште, Подбреге, Копанце. Во Општина Долнени: Житоше, Кошино, Локвени и Подвис, во Прилеп – Мариово, во Виница: Црн Камен и Истибања, во Валандово – Јосифово и Удово, во Берово – Мачево. Во Струга – Луково и Нерези, во Крушево – Долно Дивјаци, Горно Дивјаци, Пуста Река и Острилци. Во Дебар – Џепиште и Отишани, во Кавадарци – Бошава и Конопиште, во Битола – Поешево, Долно Оризари, Карамани, Трн и Логоварди. Во Охрид – Годивје, Сливово, Турије, Мраморец, Врбјани и во Куманово – Матејче, Отља, Романовце и Черкезе.
Здружението на даватели на комунални услуги на Република Македонија – АДКОМ, во соработка со Владата и Министерството за здравство, организира вакцинација против Ковид-19 на вработените во јавните комунални претпријатија, кои се негови членки. Вакцинацијата ќе се одвива и на пунктовите во Скопје – сала „Борис Трајковски“, Куманово, Струмица, Штип, Кавадарци, Велес, Тетово и Охрид.
Во моментов во земјава активни се 236 случаи на заразени со Ковид-19. Во изминатото деноноќие регистрирани се 18 нови случаи на Ковид-19 и осум оздравени пациенти, а починати нема. Од новите случаи во Тетово се 8, во Скопје 4, во Гостивар и Охрид по двајца и во Радовиш и Дебар по еден.
Досега во земјата се направени вкупно 923.515 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.882, бројката на оздравени пациенти е 150.159, на починати е 5.487.
Здравствените власти апелираат до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.
Во Русија во изминатото деноноќие од последици од Ковид-19 починаа 799 луѓе, што е најголем број на смртни случаи од почетокот на пандемијата. Од почетокот на пандемијата во Русија инфицирани се 5.907.999 луѓе, а починаа 146.868.
Грчката Влада, пак, ја разгледува можноста за поставување центри за вакцинација во универзитетските кампуси за имунизација на студентите со почетокот на академската година. Покрај тоа, ќе се разгледува начинот на кој студентите по речиси 20 месеци ќе се вратат во амфитеатрите.Ноќните клубови, дискотеките, бузуки и слично во Грција, без оглед дали се на отворено или затворено, ќе примаат исклучиво вакцинирани гости или лица кои прележале Ковид-19, согласно новата министерска одлука.
Според здравствените власти, досега во соседна Србија изолирани се осум случаи на инфекција со делта сојот на коронавирус, но ги има и повеќе. Предупредуваат дека пандемијата сигурно нема да запре се додека не бидат 70-80 отсто вакцинирани во светот, како и во Србија.
Според истражување спроведено од седум универзитети во Велика Британија, младите хоспитализирани поради Ковид-19 се во подеднаква можност да им се искомплицира здравствената состојба како и на луѓето постари од 50 години
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.