Национална техничка група за имунизација против Ковид 19 донесе одлука од почетокот на следната недела да започне и вакцинацијата на вработени во критичната државна инфраструктура.
Вкупно 4000 вакцини ќе бидат издвоени за овие категории од првичните 24000 вакцини кои веќе пристигнаа и со кои од утре започнува вакцинацијата на граѓаните над 75 години.
Во критична инфраструктура влегуваат следните групи: вработени во МВР кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП, пожаникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините.
Со оваа одлука техничката група за имунизација смета дека ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик. Сите останати групи согласно степенот на ризик ќе бидат вакцинирани во следните фази и апелираме за трпение и разбирање. Министерството за здравство уште еднаш ги потсетува граѓаните да продолжат максмално да ги почитуваат мерките за лична заштита.