Над 40 илјади граѓани ќе ги добијат новите лични карти со новото име на државата и согласно законот за употреба на јазиците. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки донесе подзаконски акт за усогласување на Законот за лични карти со Законот за употреба на јазиците и на тој начин може да се продолжи со издавањето лични карти. Од МВР велат дека се чекало неколку месеци додека не пронашле адекватно решение, објави ТВ21.
-Станува збор за подзаконски акт кој што министерот има право да го донесе соогласно постојниот закон за лични карти, затоа и се бараше правна и законска солуција за да се изнајде најадекватното решение. Ние немаме тука друга промена освен издавање на лични карти со новото уставно име и согласно законот за употреба на јазиците. Други промени во решението нема“, истакна Сузана Прањиќ.
Од МВР претходно кажаа дека издавањето лични карти застана бидејќи го надградувале системот во согласност со Договорот од Преспа, кој предвидува од 1 јули годинава да почне да се употребува новото уставно име Република Северна Македонија на личните документи, како и во согласност со Законот за употреба на јазиците, кој предвидува двојазични лични карти за припадниците на малцинствата кои ќе го побараат тоа, објави ТВ21.