Oд понеделник во Бугарија се воведуваат рестриктивни мерки во траење од десет дена, најави денеска министерот за здравство на Бугарија, Костадин Ангелов на брифинг во Владата. Тоа значи дека се затвораат рестораните, а дозволени се само испораки, а во хотелите гостите ќе можат да јадат само во собите.
Освен рестораните, се затвораат и казината, сите продавници за непрехранбени производи со површина од над 300 квадратни метри, трговските центри, спортските сали и базените, киносалите, музеите.. Забрането е и одржување конгреси и конференции, семинари, обуки, изложби, ласови по танцување и слични настани од јавен карактер.
– Advertisement –
Од она што ќе работи се продавниците за храна, аптеките, оптичарите, банките, а дозволени се прослави, свадби и крштевки до 15 лица.
Министерот Ангелов ги повика политичките лидери да ги преземат неопходните активности за да ја докажат својата грижа за секој поединец во земјата.
„До 31 март ќе бидат спроведени најстрогите антиепидемиски мерки, бидејќи животот и здравјето на луѓето се најважни. Мерките треба да се воведат за сите места каде што има толпа луѓе, како што се големи продавници, училишта, ресторани“, изјави премиерот на Бугарија, Бојко Борисов за време на работната средба со министерот за здравство Костадин Ангелов и претставници на Националниот оперативен штаб.
Премиерот посочи дека сегашните либерални мерки во Бугарија не се почитуваат, односно не се носат маски, не се држи растојание, системот е преоптоварен и им нареди на здравствените власти да ги преземат потребните итни активности.