Освен мерките за влез во затворените локали со кои се ограничува можноста за нивна посета без потврда за примена вакцина, Грција и Франција незадоволни од нивото на имунизација во здравствениот сектор и во социјалните служби решија да воведат задолжителна вакцинација на лекарите, медицинските сестри и на вработените во домовите за стари и немоќни лица.

Advertisements

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и францускиот претседател Емануел Макрон ја заоструваат борбата со пандемијата и воведуваат задолжителна вакцинација на здравствените работници и за вработените во домовите за стари и немоќни лица.

„Оние вработени во домовите за стари лица кои нема да одговорат на повикот до 16 август ќе добијат неплатена суспензија од работните места. Без оглед дали работат во јавниот или во приватниот сектор. Нема да им биде дозволено и натаму да загрозуваат нечии животи. Оваа обврска од први септември ќе се прошири и на здравствените работници, а нешто подоцна и на припадниците на оружените сили“, изјави во своето обраќање до јавноста грчкиот премиер Мицотакис.

Исто така, во Грција, од петок заклучно со први септември сите локали од затворен тип, ноќни клубови, барови, кина и театри ќе можат да ги посетуваат исклучиво вакцинирани граѓани. Мицотакис им порача на сонародниците дека решението со кое Грција ќе се раководи во битката со четвртиот бран на пандемијата кој веќе ја зафати земјата „нема да биде паника, туку вакцинација“.

Доцна попладнето во телевизиско обраќање истата мерка ја објави и францускиот претседател. За разлика од Грција, контролите и санкциите нема да стапат на сила веднаш туку ќе се применуваат од средината на септември.

Прикажи повеќе