Генералните директори на Пошта на Северна Македонија и на Халкбанка, Јани Макрадули и Билал Суџубаши вчера потпишаа договор за соработка. Со него ќе се овозможи граѓаните повторно да плаќаат сметки на поштенските шалтери, а според најавите, тоа ќе се случи најдоцна за два месеца, односно на почетокот на март.

Откако на 12 август годинава Еуростандард банка остана без дозволата за работа, прекина и договорот со Пошта за користење на нејзините шалтери за платен промет. Со тоа Пошта остана без значителен приход, а граѓаните без околу 300 шалтери на кои можат да платат сметки, да подигнат пензија, плата или да завршат други работи од областа на платниот промет. Со вчера потпишаниот договор со Халкбанка на шалтерите на Пошта се враќа платниот промет, а според очекувањата на Макрадули за многу кратко време Пошта на Северна Македонија ќе се врати на првобитната позиција која до пред неколку месеци ја имаше на македонскиот пазар, со удел од четвртина од платниот промет во државата.

-Пошта повторно обезбедува можност за плаќање на сметки, како и вршење на други трансакции со најниска провизија и тоа во над 300 точки низ целата држава. Потсетувам дека постојат места низ државата во кои граѓаните немаат друга можност за вршење на трансакции од платниот промет, освен шалтерите на Пошта. Тоа е голема одговорност и обврска која повторно ја преземаме за најмногу два месеца, изјави  Макрадули по потпишувањето на договорот.

Со ова, како што рече тој дополнително финансиски се  зајакнува компанијата.

-Добиваме многу пофалби за новитетите кои ги воведуваме и за напорите за ревитализација на компанијата. Но, периодов до нас пристигнуваат и голем број на критики, поплаки и сугестии како да бидеме повеќе професионални, но првенствено повеќе ориентирани кон целосно извршување на услугите кон граѓаните, рече Макрадули.

Суџубаши, пак, задоволен што е избрана понудата на Халкбанка, најавува дека освен стандардните банкарски услуги на шалтерите на пошта ќе се понудат  и други услуги кои освен за коминтентите на банката  ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на Пошта.

Тој додава дека Пошта избрала сигурен партнер, со оглед на тоа што оваа банка во изминатите девет години беше најбрзорастечка во земјата, а зад себе има и сигурен бренд – Халкбанк АШ Турција, банка која постои 80 години и е една од најсилните банки во Турција.

-Клиентите на Пошта на Северна Македонија, кои отсега стануваат и наши клиенти, набргу ќе можат да се уверат дека нашиот слоган „Важни се луѓето” е во суштина сублимирана порака на „Халкбанка“ за сите активности од нашето деловното работење и корпоративната стратегија, истакна Суџубаши.

Според договорот со Халкбанка, како и претходно, над 870 вработени во „Пошта“ целосно или делумно ќе извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на услугите на банката, а од остварениот заеднички приход 71 отсто ќе биде за Пошта, а останатите 29 отсто за Халкбанка.

Инаку, Пошта работи со долг од околу 10 милиони евра, кој освен од тековното работење направен и во минатото. Приходите од изнајмувањето на поштенските шалтери по згаснувањето на Еуростандард банка ги изгуби во најтешкиот период од работењето, кога поради пандемијата поштенскиот сообраќај беше сопрен, или значително редуциран. Со договорот со Хакбанка се очекува значително подобрување на финансиската состојба на државната пошта.

(С.В.)