Почина последниот маж член на бразилското племе Јума, кое беше жртва на големите плантажери за гуми и властите на Бразил кои во последните децении му ја одзедоа земјата на ова племе, пренесува „Telegraph.uk“.
„Нашата лоза згасна“, изјави Бореха Јума за медиумите откако нејзиниот татко Арука почина од компликации предизвикани од коронавирусот.
Домородните племиња се особено загрозени од ширењето на коронавирусот поради нивниот начин на живот.
Трагична судбина на племето Јума
Арука Јума, кој за време на неговата смрт имал помеѓу 86 и 90 години, беше единствениот остант маж од домородното бразилско племе кое броело 15.000 членови, но по десетина години геноцид племето беше сведено само на пет члена – Арука, неговите три ќерки и внуци.
Големите плантажери кои сакаа повеќе земјиште за своите насади, доведоа до тоа некогашното големо племе да остане без својата земја, а секој кој ќе се спротивставил на тоа бил мета на воорушени платеници на плантажерите кои брутално ги убивале домородците.
Последниот удар, сепак, се случил во 60-тите години на минатиот век. Арука тогаш преживеал, како млад човек, но во масакарот организиран од трговци со гума и тропски ореви шеесет членови на племето биле убиени и само седум луѓе преживеале. На крајот, останало само неговото семејство.
„Сакам да се борам како татко ми“, вели ќерката на Арука, Бореха, велејќи дека сега нивната лоза згаснува со смртта на нејзиниот татко.
Сепак, Бореха вели дека нејзиниот татко бил вистински борец и дека сака да ги следи неговите стапки.
Арука се бореше со децении да го признае своето право на земјиштето на Јума, во сливот на Амазон, но неговите напори беа попречени од недостатокот на други мажи од Јума и одлуката на семејството да се пресели во друго племе „Уру-еу-вау-вау“ каде подоцна се омажила неговата ќерка.