За тоа дека љубовта не познава граници и ги руши сите бариери, со часови можат да раскажуваат Боби Марковски од Челопек, Тетово и Веделин од Карибите. Младиот пар се запознал пред околу една деценија преку Скајп, и по две години допишување, тие решиле да се сретнат.
Првиот чекор го направила Веделин, која допатувала во Челопек и се воодушевила од природните убавини, од гостопримливите луѓе, но и од традиционалната кујна.
Боби вели дека по сите години поминати заедно со Веделин, по сомнежите кои ги имал како ќе и се допадне во Македонија, со оглед на тоа дека доаѓа од една егзотична земја, од друга поразлична култура, може без трошка размислување да каже дека таа е жената на неговиот живот, а од неодамна и мајка на нивното прво дете, ќерката Елија.
-Вистинската љубов не познава далечина, тоа го откривме откако со Веделин започнавме да живееме разделени со километри, а сепак блиски и со истата љубов која помеѓу нас се роди уште првиот момент. Поради тоа што потешко е да се најде работа во Македонија мојата сопруга по венчавката се пресели во Англија, каде што е вработена, а јас останав во Челопек, бидејќи овде имам работа.
Таа многу често си доаѓа во Македонија, останува по неколку недели или месеци, уживаме во времето поминато заедно. Состојбата со пандемијата ни ги промени плановите, па поради тоа бевме разделени на подолг период, и тоа во времето кога Веделин беше бремена, па дури и се породи без мене во Англија.
За прв пат ја видов нашата ќерка Елија пред неколку месеци, кога веќе наполни три месеци, дојдоа со Веделин во Челопек и останаа околу три месеци. Не можам да го опишам чувството кога за прв пат ја видов, беше тоа неизмерна среќа, иако траеше кратко, бидејќи поради работата на Веделин мораа да се вратат назад – раскажува Боби.
Додава дека не го исклучува планот во иднина да замине и тој во Англија, но вели дека тоа во најголема мера зависи од случувањата поврзани со пандемијата, поради која и во останатите земји владее криза и потешко се доаѓа до работа.
-Ние сме доказ дека кога се сака, се е можно, нема место за предрасуди. Наредната средба ја договоривме на лето, кога ќе ја крштеваме ќерката, ако се биде во ред, тие повторно ќе дојдат во Челопек. До тогаш, ни остануваат видео средбите и повиците, но и силната љубов и хармонија со која сме благословени – изјави Боби.
Тие се венчаа по неколкугодишна врска во 2014 година, а свадбената забава ја направија во Дубаи, каде што живеела сестрата на Веделин. Потоа останале таму и на меден месец.
Блиските на Боби веднаш ја прифатиле Веделин, и тој раскажува дека од се срце се труделе околу неа, па со љубов и ги приготвувале омилените традиционални специјалитети тавче гравче, печена риба и комад-колпите, кои многу и се допаднале./FOKUS.MK