Здравествените власти очекуваат сегашните рестрикции да дадат резултат иако продолжува трендот на зголемување на бројот на заразени со Ковид-19. Состојбата внимателно се следи и од епидемиолошката состојба ќе зависи дали ќе има нови мерки.
На инфективните оддели во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 916 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во Скопје се хоспитализирани 350, а во другите градови 566 лица.
Во ковид-центрите има околу 280 празни болнички кревети. Отворена е и модуларната болница во склоп на Инфективната клиника со дополнителен број кревети. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.
И министерот за здравство Венко Филипче вчера уверуваше дека има слободни кревети во секоја јавно-здравствена установа, потенцирајќи оти имаат и план доколку се пополнат капацитетите. Тој верува дека актуелните мерки ќе дадат резултат и очекува за 10-тина дена да има промена на епидемиолошката слика.
– Секојдневно ја следиме ситуацијата во однос на бројките и трендовите што сега се актуелни, така што ќе видиме во однос на некои евентуално дополнителни мерки, изјави Филипче.
Во Скопје во функција се ставени интерните клиники, а има и план доколку се исполнат капацитетите што се на располагање. Во опција е просторот во стара Систина, но засега, како што посочи Филипче, нема потреба, бидејќи модуларните болници се сериозен капацитет од 10.000 метри квадратни со 600 кревети.
Сериозен вектор на трансмисија на вирусот, според него, се младите кои контактирале и по затворањето на угостителските објекти.
– Сметаме дека младите како една група на граѓани кои беа активни и многу често комуницираа и по затворањето на угостителските објекти, беа сериозен вектор на трансмисија на вирусот и поради тоа сметам дека во следните 10-тина дена ќе има промена на сликата. Сега бројката е нешто под илјада, следиме дали ќе има зголемување, но верувам дека овие мерки ќе дадат резултат, вели министерот за здравство.