И од Движењето Беса сметаат дека на албанските опозициски партии им треба време и простор за да одлучат дали во иднина ќе соработуваат или ќе коалицираат. Овој став го соопшти пратеникот на оваа партија, Фадил Зендели, пренесува АлсатМ.
„Во целата оваа ситуација има потреба од простор за реорганизација на албанската опозициска во политичка сцена. И двата политички субјекти кои се во опозиција, сигурно и Алијанса за Албанците бара свој простор, ние како политички субјект Беса го бараме нашиот простор на дејствување по локалните избори. И двата субјекти ги гледаат своите позиции. Како политички субјект, гледаме дека ако се работи за соработка, таа мора да дојде природно. Тоа не треба да биде резултат на притисок и влијание“.
И лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој изрази разочараност од досегашниот партнер на коалицијата Алтернатива, вели дека во моментов не мисли дека ќе има коалиција со Беса.
„Направивме коалиции затоа што знаете колку го бараше народот односно граѓаните, да има коалиција. Тоа го направивме за да одговориме на барањата на граѓаните, но со овие движења се гледа дека работите не одат добро затоа што се создава фрустрација, што може да направи некој на кој ти си му дал политичка моќ со твојот глас, пред се граѓаните, потоа и политичките субјекти давајќи некоја позиција повеќе. Ова е најзагрижувачкиот елемент што јас го гледам“.
Но, Зендели понатаму додава дека постапките на партиите ќе се диригираат од нивниот политички интерес и интересот на граѓаните. Беса верува дека наскоро ќе има предвремени избори.
„Ова што се случува на политичката сцена, кризата со власта која продолжува, не убедува дека ќе има предвремени парламентарни избори и ние како субјект се изјаснивме дека бараме предвремени парламентарни избори“.
По локалните избори, Движењето Беса ја напушти владата на Заев, откако претходно заедно учествуваа во предизборна коалиција. На нивно место Алтернатива потпиша договор за влез во идната влада, која се очекува да ја предводи друг премиер, бидејќи Заев најави заминување.