Фирмите и самостојните вршители на дејност од денеска ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март. Денеска ќе бидат објавени правилниците, согласно кои работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат да достават барање до Управата за јавни приходи. За мерката се издвоени 31 милиони евра, а барањата ќе може да ги достават до 30 април.
Ова го соопштија на заедничка прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, на која и најавија дека денеска на Влада ќе се разгледува и Шестиот сет на мерки, за што набрзо ќе информираат на посебна прес-конференција.
Како што истакна министерот, за оваа мерка се издвоени 1,9 милијарди денари од буџетот, односно 31 милиони евра, што ќе опфати околу 60.000 работници. За секој работник, појасни, ќе биде исплатена поддршка во распон од 14.500 денари до 21.776 денари по месец. Висината на поддршката ќе биде утврдена согласно процентот на намалување на приходите на фирмите во последните три месеци пред месецот за кој се поднесува барање, во однос на истиот период претходната година .
Бесими исткана дека дополнителни поволности за оваа мерка во однос на претходните пакети е што за сите корисници на финансиската поддршка за исплата на плати предвидено е 50 отсто од исплатената помош да се трансформира во грант, без никакви услови.
-За оние пак кои во текот на годината ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе биде трансформирана во грант-средства. Од оваа новина која претходно беше најавена се гледа и развојната компонента, која беше истакната при презентирање на петтиот пакет мерки. Како целиот свет, така и ние, на 2021 година гледаме како на година на ревитализација. Зазадрвувањето е потребно да се стимулира преку мерки насочени кон поттикнување на нови инвестиции и развој на фирмите, рече министерот.
Управата за јавни приходи, како што рече директорката Лукаревска, како главен имплементатор и на претходните пакет мерки и сега е подготвена и дека во тек е објавување на подзаконските акти во Службен весник каде по нивната објава УЈП ќе ги постави обрасците на системите каде што ќе може да се аплицира за финансиска поддршка за месеците февруари и март.
Работодавачот поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците за месеците февруари и март 2021 година, за секој месец одделно, преку системот е-Даноци, најдоцна до 30 април 2021 година. Управата за јавни приходи веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена доставува повратен одговор за комплетноста на барањето.
Посочи дека условите од законот за користење на финансиската поддршка се истите како и од претходниот Закон за финансиска поддршка за исплата на плата, односно пад на приходите од најмалку 30 отсто, да не се врши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност, работникот да нема остварено нето плата поголема од 39.000 денари во претходните 4 месеци, работодавачот да не исплатува нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиската поддршка на повеќе од 10 отсто од вкупниот број на вработени, да не користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, работникот да не е пријавен на дополнително работно време и работодавачот во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година, има остварено кумулативно акумулирани добивки пред оданочување помали од 600.000.000 денари.
Во месецот за кој се бара финансиска поддршка, работодавачот треба да има ист или поголем број вработени споредбено со месец декември 2020 година со исклучок на одјавените работници по оправдани основи согласно законот. Овој услов, како што појасни директорката, немаат обврска да го исполнат работодавачите кои вршат угостителска дејност односно дејности за подготовка и служење храна и објекти за сместување, како и транспортната дејност, односно копнен и цевоводен транспорт кој поради здравствените протоколи имаат затворено најмалку 50 отсто од своите капацитети преку кои го остваруваат прометот.
Посочи дека сите обврзници кои ја имаат исплатено платата за месеците февурари и март може да поднесат исправки на пресметките со внесување шифра за финансиска поддршка, а оние кои не ја исплатиле треба повторно да ја поднесат пресметката.
Процедурата кај физичките лица кои вршат самостојна дејност и исто така електронски со тоа што тие поднесуваат барање преку системот е-ПДД за февруари и март за секој месец одделно. Висината на финансиската поддршка изнесува 17.410 ден. на месечно ниво. За остварување на ова право треба да имаат намалување на приходот за повеќе од 30 отсто, а финансиската поддршка ќе се исплатќа во рок од 10 дена од денот на поднесување на комплетното барање на трансакциска сметка преку која физичкото лице кое врши самостојна дејност врши трансакции за дејноста. Педесет отсто од примената финансиска поддршка се враќа по доставено решение од страна на Управата за јавни приходи најдоцна до 15 февруари 2022 година, а под услови одредени со законот постои и можност за трансформирање на финансиската поддршка во грант.