Од денеска е дозволено да се организираат свадби, семејни прослави и останати настани во категоризирани ресторани. Капацитетот на гости е намален на 50 отсто и не треба да има повеќе од 100 гости на прославата. Но, просторот во кој треба да бидат гостите мора да е на отворено. Во затворените простории засега не е дозволено организирање прослави. На една маса ќе може да седат до шест лица, а за музиката, играње оро и за останатите перформанси од веселбата, угостителите велат дека се уште немаат добиено конкретни насоки од власта. Дополнително, сметаат и дека треба да се дозволи да работат и локали кои се со затворен простор.
„Голем дел од нашите колеги кои што работат со свадби и настани имаат капацитети кои што се целосно затворени. Меѓутоа тие се климатизирани, вентилирани, тие се од 700 до 1000 квадрати, ги исполнуваат сите услови за организирање на еден настан по сите препораки и мерки да се спроведе. Така да очекуваме во најбрз можен рок да се дозволи да функционираат и тие објекти“, рече Перица Големеиќ – Туристичко угостителска комора при ССК.
Од Независната угостителска комора реагираа на најавите дека жива музика ќе има само на свадба, а не и во останатите ресторани каде граѓаните одат на ручек или едноставно на кафе или пијалак. Угостителите побараа и да има можност музиката да биде пуштена погласно, односно пропишаните 50 децибели нема да се слушнат од шумот на автомобилите кои во локалот доаѓаат од надвор.
„Да не се дозволи, доколку дојдат децата со своите родители и баби и дедовци да треба да ги делиме на две маси, или поради еден или два члена повеќе кои би седнале на истата маса ако се повеќе од шест луѓе да имаме проблеми со инспекторатите или контролите“, вели Здравко Јосифовски, Независна угостителска комора.
Овие олабавени мерки доаѓаат во време кога драстично се намали бројот на заразени од корона вирусот. Организаторите на свадби беа затворени 15 месеци, а останатите угостители беа под клуч на неколку пати по три недели. За сите угостители останува забраната да не смеат да работат во затворените делови од објектите. Угостителскиот сектор е еден од најпогодените од здравствено економската криза, а како дополнителен проблем вчера го потенцираат и недостатокот на кадар за работа.
Иле Петревски