Препораките и мерките коишто беа воведени поради аерозагадувањето во Скопје се укинати, а од денеска не важи и одлуката за бесплатен јавен градски превоз.

Министерството за животна средина и просторно планирање вчера соопшти дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во Скопје се под дефинираниот праг на алармирање, поради што престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање што беа воведени во саботата.

– Согласно податоците од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на ден 26.12.2022 година, среднодневните концентрации на ПМ10 суспендираните честички во Скопје се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар и епизодата од два последователни дена е прекината, поради што престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање, соопшти МЖСПП.

И од Јавното сообраќајно претпријатие информираа дека од денеска престанува да важи одлуката за бесплатен јавен градски превоз која беше донесена во саботата со цел справување со загадувањето на амбиенталниот воздух.