Од четврток неделава, рестораните и кафулињата ќе работат до 21 часот, објави денеска премиерот Зоран Заев.
„Со оваа одлука завршува и вонредното ограничување на работното време во угостителските објекти на бензиските пумпи, како и за гостите сместени во хотелите, мотелите, хостелите и останатите сместувачки капацитети, при што истите ќе можат да работат со редовното работно време утврдено со законот за работа на овие угостителски капацитети“, изјави Заев по владината седница на која беше анализирана новата епидемиолошка состојба во земјата.
Министерот за здравство Венко Филипче ветува дека следната недела, откако ќе се направи епидемиолошката проценка, можно е да се дозволи угостителските објекти да работат до 23 часот.
Рестораните работат со скратено работно време до 18 часот од средината на декември откако Владата веведе нови мерки против пандемијата на коронавирусот за да се спречат групирања и новогодишни прослави.