Никица Корубин

Вистината и знаењето, биле и остануваат главната иманентна структурална одредница. Во било кое време, историски гледано. Во сегашноста тоа означува пристап до соодветна информација, односно фокус на наративот, кој во време на социјални медиуми, колку што е тешко да се креира, еднакво тешко е и да се контролира. А, наративот е всушност односот кон самата вистина – сакаме таа да биде тоа (вистина) или лага преоблечена во вистина (манипулација)?

Одговорот е многу едноставен, иако околностите се сложени. И лесно видлив, на навидум различни ситуации, кои последователно имаат ист ефект на односот кон вистината – принципиелен или лицемерен. Локалната и регионална ситуација кај нас е Бугарија и односот кон прашањата кои ги отвори Догороот со Бугарија. Глобално тоа е САД и односот кон прашањата што ги отвора САД (Доналд Трамп). “Сличноста” што може да се извлече и во двата случаи; е првата (инстинктивна) реакција – нападот и дискредитацијата на тој што го поставува прашањето; а не анализа и одговор на прашањето. Од таму се гледаат вистинските намери на тие што дискредитираат или анализираат и одговораат на прашањата.

И затоа за разлика од Преспанскиот договор, всушност Договорот со Бугарија ги предизвика неповратните тектонски промени во општеството на социолошко и културолошко ниво. А, тоа е затоа што за разлика од Преспанскиот договор кој формално-правно ја затвора “југословенската” фаза на државата; Договорот со Бугарија дефинитивно ја даде основата за соочување со она со кое требаше самостојно да се соочиме – вистината (и знаењето) за Македонија во составот на СФРЈ. И ако Преспанскиот договор говори за светската историја (базирана на факти и наука) и нашиот пристап во неа, Договорот со Бугарија го отвора прашањето за “југословенската (и српска)” верзија на нашата историја.

Тоа што хронолошки општествената и социолошка дебата доаѓа последна, наместо на почетокот на нашата независност; со која Бугарија тенденциозно е претворена во “архи-непријател” говори и за повеќегодишната “заробеност на вистината” – на научно, политичко, медиумско, аналитичко ниво – и за “трошењето” на таа “заробеност” поради обратно-пропорционалното поведение – наместо во првите години на независноста да се соочиме со вистината за нас креирана од другите – ние бевме поставени во конфликтна ситуација кон сите кои беа надвор од “подобниот југословенски периметар” – Грција и правата на Албанците во Македонија – како конститутивен и решавачки дел за европската и евроаталнатската иднина на државата.

Со други зборови, ниту една тема како темата со Бугарија, не ги натера Македонците на промислување и преиспитување на теми кои требаа “вечно да останат затворени”. Непријателскиот однос кон Грција и одолговлекувањето на решавањето на прашањата од Времената спогодба – името на државата, границите на државата и односот и немешањето во внатрешните работи на соседите – требаше да ја одржува ситуацијата на “времена држава” БЈРМ, чија сложеност сама по себе никогаш не создаде можност за вистинско (а не површно) третирање на комунистичкиот систем и наратив од кој излеговме од СФРЈ кој не беше компатибилен со системот на демократска парламентарна држава.

Системската и систематска (наследена) дискриминација на Албанците, и суштинското одбивање и антагонизирање на Охридскиот рамковен договор, требаше да го “бетонира” соочувањето на Македонците самите со себе и пред се’ со “креираната вистина” за нив во СФРЈ и Кралството претходно. Оттаму се чини доаѓа и целата “креирана драма” околу Договрот со Бугарија (и Протоколот со Бугарија) – прашањата кои никогаш не требаа да бидат поставени.

Тешките прашања никогаш не се пријатни. А, особено директните без заштитниот парараван (наратив). Зад кои за жал, многумина комфорно се сокрија, “уживајќи” во “пара-комунстичко/демагошкиот” говор на канадскиот премиер во кои лажно-конформистички се избегнуваат легитимните прашања како на пример – дали е прифатливо Иран да има отворено тоталитарен режим и тоа да се нарекува “меѓународен правен поредок”; дали е прифатливо руско и кинеско влијание во сржта на географијата на “западниот свет” Гренланд; дали има отворен анти-семитизам во фашистички стил скриен позади “палестинското прашање”кое го гради и ставот кон Иран; дали комунизмот како тоталитарна доктрина е попорифатлив од “западните вредности” на кои патем речено функционира “меѓународниот правен поредок”.

Транспонирано во наши услови, политичката и општествена позиција би се градела преку ставот кон “тешките” прашања, а не преку сатанизација или верификација на “очигледните” прашања. Па, затоа политичкиот став кон синтагмата на “српскиот свет” кој во извештајот на Европскиот парламент се означува како опасност за “суверенитетот на државите во регионот”; значи и за нас, може да се “прочита” во ставот кон Договорот со Бугарија, Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор; и во инсистирањето на завршување на нашите обврски – преговарачката рамка и уставните измени – а не кон нашиот сосед Србија и нивните внатрешни работи. Има паравани и има вистина. Ама, таа не е позади параванот.

Се повикува канадскиот премиер Марк Карни на Тукидид кој вели дека “силните го прават тоа што можат, а слабите го трпат тоа што мораат”; веројатно заборавајќи дека Тукидид доаѓа од страната на “силните” (Атињаните), со сопствена флота и златни и сребрени рудници, во околината на денешна Кавала и Тасос; по потекло Тракиец, атински граѓанин и заповедник и врвен историчар.

Истиот Тукидид кој знае дека “атинската демократија” е чувана од “атинската морнарица”; меѓу многуте говори што ги пренесува; особено интересен е говорот на спартанскиот војсководец Брасида со кој ја куражи и теши сопствената преплашена војска од средбата со заедничката војска на Илирите и Линкестидските Македонци на кралот Арабеј; кога се повлекуваат заедно со спартанската и македонската војска на кралот од аргеадската династија Пердика; пред непознатите и страшни војски на непријателот; тука кај нас и во соседството во околината на Битола и Флорина (Лерин).

Затоа што биле практични и знаеле да ги проценат и своите можности и случувањата околу себе. Без да отстапат од сопствените принципи и културата и цивилизацијата која ги дефинирала кои се. Брасида заминува кон Амфипол, каде ќе заминеме ние, метафорички и реално, зависи од вистината и знаењето кое го имаме, и нашиот однос кон нив.