Со свеченост на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата во Скопје денеска се одбележа Денот на Армијата на Република Северна Македонија.
Обраќање имаа претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Во рамки на свеченоста доделени се одликувања и признанија на единици од Армијата и соработници кои придонесуваат за развојот на одбраната. Претседателот Пендаровски врачи Орден за воени заслуги и Повелби на Република Северна Македонија, додека министерката Шекеринска и началникот Ѓурчиновски доделуваа признанија на претставници од институции со кои соработува Армијата.
На свеченоста, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт кој се наоѓа во неколкудневна работна посета на Република Северна Македонија, на министерката Шекеринска и додели медал за истакната служба, а на генералот Ѓурчиновски медал за заслуги.
За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
Македонската Армија денес заедно со армиите на уште 29 земји е составен дел од најголемиот колективнен безбедносен систем откако Република Северна Македоонија во март минатата година стана 30 полноправна членка на НАТО.