Нема продолжување на работното време на угостителските објекти пред 21 јануари и покрај значително опаѓање на бројот на заразени. Угостителите се понадеваа дека поради стабилизирање на епидемиолошката состојба Комисијата за заразни болести ќе даде препорака за враќање на нормалното работно време до 21 часот пред истекот на рокот на оваа рестриктивна мерка. Но, по изјавата на министерот за здравство Венко Филипче очигледно е дека тоа нема да се случи пред предвидениот рок. Но, најави дека на некои од наредните состаноци на Комисијата за заразни болести ќе се разгледа барањето на угостителите за продолжување на работното време за два часа, односно наместо до 21, кафеаните и кафулињата да работат до 23 часот. Покрај ова, угостителите се надеваат дека со укинување на рестриктивните мерки на 21 јануари ќе им се исполни барањето за укинување на забраната за настап на естрадни уметници, т.н. живи свирки, која е дел од секојдневното работење на некои угостителски објекти.
– Ова скратување на времето дополнително, иницијално кога беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари, кога практично и завршуваат прославите, верските празници и тогаш веќе по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Сепак, ние ќе го разгледаме барањето дали би можело да се продолжи работното време уште за два часа, истакна министерот Филипче и додаде дека и покрај тоа што состојбата со епидемиолошката слика во земјава е стабилна и оти генерално се намалува бројот на новозаразените лица, нема олабавување на рестриктивните мерки пред 21 јануари.
Угостителите очекуваат дека со враќање на работното време до 21 часот полека да почнат да работат нормално, да имаат повеќе гости и промет и да можат да ги покриваат загубите кои настанаа поради рестрикциите и кратењето на работното време.
-Очекуваме дека со укинување на мерката на 21 јануари на угостителите ќе им се врати целосното редовно работно време за што и самите протоколи за работа ќе бидат коригирани, унифицирани и унапредени. Со враќањето на редовното работно време не значи дека гостите веднаш ќе се вратат во угостителските објекти туку напротив само се создаваат услови угостителите полека да ги започната активностите за враќање во својата нормала во наредниот период, изјави за ВЕЧЕР претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски.
Според него, варијациите на вирусот ковид-19 што изминатиот месец се појавија во некои делови од Европа ќе влијаат на изготвувањето на препораките и протоколите за работа на угостителските објекти не само кај нас туку и пошироко.
-Делумно олабавување на рестриктивните мерки очекуваме да се направи, особено што сметаме дека е крајно време Комисијата за заразни болести да ги унифицира моменталните протоколи за работа на угостителски објекти и да предложи стратегија за нивно изготвување и примена во наредниот период. Со укинувањето на рестриктивните мерки на 21 јануари очекуваме да се укине и забраната за настап на естрадни уметници – музичката програма која поголемиот дел ја поистоветуваат со т.н. живи свирки која е дел од програмата за секојдневното работење на некои угостителски објекти. Укинувањето на музичките настапи на естрадните уметници во угостителските објекти е исто како во киносалите и театрите да го укинете звукот, а на гостите да им оставите можност и понатаму да ги посетуваат и да “уживаат во претставите”, вели Јосифовски.
Долгорочно гледано, угостителите сметаат дека можноста за остварување поголеми добивки од законското работење на угостителските објекти ќе влијае во унапредувањето на угостителството, инвестирање во изградба на повисоки стандарди и угостителски услуги и нормално зголемување на надоместоците на угостителските работници.
(А.С.)