Состојбата со Ковид-19 во земјава и натаму се стабилизира. Во 19 градови во државата повеќе нема позитивни на коронавирусот. Ако пред еден месец бројот на активни беше околу 1000 случаи, вчера тој беше 130, од кои во Скопје има уште 54, во Тетово 15, Кичево 14, Куманово 10.
И во текот на претходното деноноќие не беше регистриран ниту еден смртен случај, а беа регистрирани 27 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 893.681 тестирања на Ковид-19.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.716, бројот на оздравени пациенти е 150.100, на починати е 5.486.
Комисијата за заразни болести вчера оцени дека нема потреба за воведување на нови ограничувања, но и некакви рестриктивни мерки во однос на штитење на границите од ширење на делата сојот при влез на странски државјани во нашата државата.
Од Министерството посочуваат дека ја следат епидемиолошката состојба во земјава и регионот.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во гостување на „Утрински брифинг“ рече дека ситуацијата е многу мирна, нема ниту еден знак дека е можно да има влошување на епидемиолошката слика и повеќе денови по ред нема притисок по болниците.
Нема пријавување, нема наплив на пациенти ниту во амбулантите, што ни укажува и потврдува дека ситуацијата е прилично мирна. Ја следиме ситуацијата и во околните земји. Насекаде во регионот е мирно. И во Србија и во Албанија. Ги следиме и земјите каде нашите граѓани заминуваат за летните одмори. Има лесно зголемување на бројката на позитивни случаи во Грција, но сметам дека тоа не е алармантно, изјави Филипче, според кого, ако продолжи вака ситуацијата, летови не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки.
Министерството за здравство во моментов е концентрирано на вакцинацијата. Планот е до крајот на неделава да бидат вакцинирани половина милион граѓани, соопшти минатата недела Филипче.
Од Берлин вчера пристигна информацијата дека Германија ќе им даде три милиони дози вакцини против Ковид-19 на земјите од Западен Балкан.
И тоа ќе го сториме што е можно побрзо, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференција по „Самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан 2021 година“, на кој таа беше домаќин.
Министерството за здравство вчера соопшти дека од 12 јули ќе може да се вакцинира секој без оглед дали е пријавен или не преку веб-страницата vakcinacija.mk.
Секој кој сака да се вакцинира истото ќе може да го направи без закажан термин, а паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk, информираат од Министерството.
Оттаму соопштуваат дека почнувајќи од 12 јули вакцинацијата против Ковид-19 ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови од здравствените домови и болниците во државата, а во спортските сали ќе се одвива масовна ревакцинација.
Министерот Филипче вчера на работен состанок со директорите на здравствените домови во државата и членови на Националната работна група за Ковид-19 вакцинација, ги утврдуваа насоките за организација на теренска вакцинација којашто треба да започне од следната недела.
Здравствените домови, како што соопшти Министерството за здравство, до петок треба да изготват план и организација за секој ден, време и место на теренската вакцинација.
Поради стабилната епидемиолошка ситуација се бара зголемување на бројот на деца згрижени во градинките.
Министерството за труд и социјална политика од Комисијата за заразни болести побарала да дозволи дополнително зголемување на бројот на деца кои ќе бидат згрижени во градинките согласно постојната епидемиолошка ситуација.
Шахпаска информира дека испратиле и допис до Министерството за здравство и во еден наврат ја зголемивме бројката наместо 15, 20 деца да бидат во групите.
Сега испративме нов допис со оглед на епидемиолошката остојба во државата која е стабилна да може да се зголеми бројот на деца, секако со почитување на мерките за превенција од инфекција со коронавирусот, рече Шахпаска.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.