Од 1 јули годинава ќе започне издавањето на новите патни исправи на државјаните на земјава со новото уставно име, предвидува меѓу другото Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, кој помина денеска во прво читање на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Предлог-законот на седницата помина без расправа и беше даден на натамошно постапување.
Како што образложи повереникот од Министерството за внатрешни работи Весна Доревска, со измените и дополнувањата на Законот се врши усогласување со одредби од Законот за употреба на јазиците, како и усогласување со Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија.
-Обрасците на патните исправи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, по службена должност се печатат и податоците во нив се запишуваат и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот. Обрасците на патните исправи на граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот што го зборуваат помалку од 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, на нивно барање, се печатат и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот. На нивно лично барање, податоците што се внесуваат во патната исправа се запишуваат и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот. Исто така, на нивно лично барање податоците за личното име што се внесуваат во патната исправа се запишуваат и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот, стои во Предлог законот.
Предлог законот содржи преодна одредба која предвидува дека патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија“ издадени до денот на отпочнување на примената на овој закон, ќе важат до рокот на важење кој е наведен во патната исправа, но не подолго од 12 февруари 2024 година.