Најлонските кеси кои сега ги има во продавниците и големите маркети стануваат минато. Од 1 декември ќе се продаваат само биоразградливи екстра-лесни кеси, но наместо денар или два – ќе чинат 15 денари по парче. Парите од купените кеси ќе одат во посебен фонд. Угостителите кои имаат објект на Шапка, Маврово или други заштитени подрачја нема да смеат да служат храна и пијалоци во пластична амбалажа.
Министерот за животна средина Нуредини смета дека ова е првиот чекор во мотивирање на граѓаните да почнат да користат хартиени кеси или платнени торби како алтернатива.
Пакетот од шест закони кои се однесуваат на управувањето со отпадот а се изгласаа во Собранието минатиот месец следуваат по критиките нотирани во минатогодишниот извештај на Европската комисија во делот на заштитата на животната средина.
Инаку пластиката како најтешко разградливо средство е забранета во многу земји. На 3 јули годинава во ЕУ стартуваше забраната за продажба на 10 видови производи од еднократна пластика. Велика Британија со закон ги забрани пластичните цевки, мешалки и стапчиња за уши. И Канада се подготвува да ги повлече пластичните шишиња, кеси и сламки.