Како многу други производи што ги имате во кујната, а ретко ги употребувате, и оцетот е бесправно запоставен. Овој производ е одличен за салати, маринади и јадења, само треба да го изберете вистинскиот од многуте видови оцет.
Оцетот им е познат на луѓето од пред илјадници години и е многу корисен производ при готвење, а искусните знаат дека е совршен и за чистење. Го има во разни варијанти и секоја има свој вкус и употреба.
Прв секако е белиот алкохолен оцет, кој го има во сечиј дом. Направен е од чист растителен алкохол етанол и се користи за готвење, но и како средство за чистење. Црвениот вински оцет има различни употреби и тоа најчесто во преливи, маринади, како и сосови. Белиот вински оцет има полесен, овошен вкус, па се користи за лесни сосови, преливи и закиселување.
Сигурно дома имате шише балсамиран оцет, кое стои заборавено некаде. Тој е направен од ферментирано грозје, не од вино, а одлично се комбинира со маслиново масло, леб и салата. Помалку вообичаен е оризовиот оцет, направен од оризово вино, има по сладок вкус за разлика од другите видови оцет и добар е за маринади на риба, како и за суши ориз. Јаболковиот оцет познат е по своето благотворно влијание врз здравјето, додека шери оцетот е совршен за богати оброци благодарение на неговиот интензивен вкус.
Користете го ретко и внимателно
Иако најчесто оцетот се става во преливи и маринади, што е прилично едноставна употреба, сепак постојат неколку трикови како да го вклучите на поинаков начин во вашето готвење. Но, за да биде тоа успешно мора да внимавате на неколку работи. Прво, не купувајте евтин оцет. Тој може да е добар за чистење прозорци, но не и за вашата храна. Секако не го избирајте ниту најскапиот, односно изберете квалитетен оцет од докажан производител, кој ќе биде добар за вашето јадење. Друг совет од искусните готвачи е оцетот да го користите ретко, исто како солта. Важно е да не претерате со неговата количина и да добиете премногу кисело јадење, односно треба да има сооднос. Секако мора да го погодите вистинскиот оцет за вашето јадење, на пример, белиот оцет се користи за закиселување, оризовиот оцет за азиска храна, а балзамираниот оцет се става на крај од готвењето на јадењето. Професионалните готвачи ќе ви кажат дека е добро некогаш да го искористите оцетот на поинтересни начини, како додавање над грилуван зеленчук додека е топол, за да добиете посебен вкус. Исто така мора редовно да го менувате оцетот. По приближно шест месеци треба да го фрлите стариот оцет, иако ви се чини дека сè уште е добар. Тој нема да има ист вкус, ниту квалитет.
Дали оцетот е добар за здравјето?
Уште една работа која е важна кога оцетот е во прашање, е дали тој е добар за вас? И да и не. Истражувањата покажуваат дека готвењето со оцет има некои здравствени придобивки, на пример добар е како без натриумска замена на солта, а повеќе видови (особено балсамираниот) имаат нула калории. Јаболковиот оцет посебно е познат како совршено средство за омекнување болно грло, прочистување затнат нос, дури и за лекување икавица. Но, за жал, денес некако повеќе од овие поинакви употреби на оцетот се подзаборавени.
Додека некои студии докажуваат дека оцетот може да помогне во губење на телесната тежина, според други изгубената тежина на тој начин многу брзо се враќа. Исто така, не е точно дека оцетот може да помогне во детоксикација на организмот. Нема ниту еден доказ дека користењето оцет помага во проблеми со киселини во желудник, како и при намалување на шеќерот во крвта.
Всушност оцетот е киселина која може да го нагризе емајлот на забите, дури и да предизвика воспаление во желудникот, што ќе ги зголеми желудочните киселини. Затоа користете го оцетот при готвење, но не наседнувајте на тврдењата дека ако го пиете, ќе постигнете некаков здравствен ефект.